АктуелноИнтернационално

Кинески и руски научници направија 3D реконструкција на неандерталско дете кое живеело на територијата на Узбекистан

Палеоантрополозите  и археолозите од Универзитетот Џилин со помош на технологија за дигитална 3D реконструкција го пресоздадоа изгледот на момчето неандерталец чиј череп беше откриен во палеолитската пештера Тешик-Таш на територијата на Узбекистан.

Фосилизираниот череп на дете од неандерталец на возраст од 8-9 години кое живеело помеѓу 300.000 и 40.000 години е откриен во 1938 година.

Според Александра Бужилова, директорка на Институтот за истражување и антрополошки музеј на Московскиот државен универзитет, ова откритие е првиот фосил од неандерталец откриен во Азија и единствениот целосен азиски неандерталски череп што преживеал.

Новата реконструкција го направи изгледот на момчето од неандерталецот поавтентичен, а ги истакна и неговите индивидуални карактеристики.

Ова е првпат фосилизиран човечки череп да биде  реконстриран со помош на 3D технологија, и е едно од важните достигнувања на првата меѓународна заедничка лабораторија во областа на археологијата, основана од Универзитетот Џилин и Московскиот државен универзитет.

Експертите веруваат дека новата реконструкција не само што јасно го покажува изгледот на праисториските луѓе од регионот на Евроазија, туку дава и нови идеи за понатамошно проучување и мапирање на морфолошките карактеристики на неандерталците во Централна Азија и нивната приспособливост кон животната средина. Фосилите на неандерталците, изумрен вид праисториски човек, првпат биле откриени во долината на Неандертал во Германија и некогаш биле и  широко распространети низ Евроазија.