Зошто Путин и Берлускони беа вистински пријатели?
Поранешниот италијански премиер Силвио Берлускони често беше опишуван од новинарите како „шарен“, „харизматичен“, па дури и „дрзок“ човек. Тој почина денес на 87-годишна возраст, во болницата „Сан Рафаеле“ во Милано.
Берлускони, без сомнение, беше контроверзна личност која остро го подели јавното мислење, политичката сцена, но и политичките аналитичари. Една од неговите посебни вештини беше способноста да одржува добри односи и со Русија и со Соединетите Американски Држави во исто време.
Берлускони беше премиер вкупно девет години, што го прави најуспешниот повоен премиер на Италија и трет премиер со најдолг стаж од обединувањето на Италија, по Бенито Мусолини и Џовани Џолити.
На 6 јуни 2015 година, во пресрет на посетата на Милано, Владимир Путин во интервју за „Кориере дела сера“ објасни зошто му е толку лесно да комуницира со Берлускони и на што се темели нивниот пријателски однос. Според Путин, најважна работа во тоа била меѓусебната, „искрена желба за градење добри меѓудржавни односи, без оглед на внатрешно-политичката ситуација“.
Пред тоа, во јануари 2013 година, Берлуксони даде интервју за ТВ каналот Еуроњуз, нарекувајќи го Путин „најдобриот политичар на меѓународната сцена“: „Тој е најдобриот политичар на меѓународната сцена, неговиот имиџ (на Запад) е спротивен на што е тој навистина. Да се има таков претседател е вистински успех за Русија“.
Берлускони предизвика нова бура во септември минатата година, кога рече дека „Путин е втурнат во овој конфликт“ и дека сака само „пристојни луѓе“ на чело на Украина, пренесе Ројтерс.
Берлускони немаше влакна на јазикот, не им остана должен на критичарите и во една прилика кажа: Тажен сум поради фактот што во овој момент во Европа и на Запад немаме способни лидери.
Берлускони беше познат по неговите „бунга бунга забави“, на кои и тој учествувал. Сепак, тие само ја зголемија неговата популарност во Италија. Берлускони своевремено беше обвинет дека на забавите им плаќал на проститутки за сексуални услуги. Овие обвиненија подоцна беа отфрлени.