Промоцијата на книгата „88“ на Надија Реброња во Библиотеката „Браќа Миладиновци“

Српската писателка Надија Реброња во посета на Библиотеката „Браќа Миладиновци“ ќе ја промовира нејзината книга „88“, која на македонски јазик ја објави ПНВ Публикации / PNV Publishing.

Промоцијата ќе се одржи во среда (14 јуни) од 19 часот во Библиотеката „Браќа Миладиновци“

Надија Реброња  (1982) е поетеса и есеист. Докторирала книжевност на Филозофскиот факултет во Нови Сад. Предава современа јужнословенска литература и е универзитетски доцент. Нејзината поезија е преведена на англиски, на шпански, на италијански, на француски, на германски, на полски, на турски, на персиски, на македонски, на албански и на словенечки јазик.

Миљенко Јерговиќ за книгата ќе истакне: 

‒ Вообичаено, пијаното има 88 клавиши, 52 бели и 36 црни, од кои произлегуваат 88 тонови. Пијанистот по правило чита 88 ноти. Овие 88 микропрозни дела истовремено сочинуваат едно пијано и еден концерт за пијано. Секоја приказна е еден тон, но сите приказни собрани заедно, бидејќи така треба да ги читаме, чинат целина, не роман, како што би можел некој грешно да помисли, туку една прецизно обликувана музичка форма. На прв поглед, светот на Надија Реброња не е миметички, не ја опишува стварноста, не сведочи на суд. Но, како што Баховите „Голдберг-варијации“ не ја опишуваат стварноста, ниту можат да се употребат како доказ на суд, а сепак, ништо така прецизно не говори за стварноста како кога Глен Гулд мрморејќи ги свири „Голдберг-варијациите“, така и во „88“, на Надија Реброња, светот и животот се пренесени во зборови. Музиката е постојана. 

Авторката Надија Реброња во месец јуни е на резиденцијален престој во Скопје, организиран од издавачката куќа „Готен“/ Издавачка куќа Готен, а поддржан од европската мрежа за превод и книги „Традуки“.