АктуелноЛокално

Политичката цена на рудникот на смртта Иловица – Штука

Во целост ви го пренесуваме соопштението на иницијативата „Здрава котлина”.

Почитувани,

Ве известуваме дека со завршувањето на националниот референдум 2018 нашите зацртани активности се враќаат на дневна реализација. Паузата што ја направивме за време на референдумот имаше за цел да ги минимизира потенцијалните обиди за наша инструментализација и манипулација во екот на кампањата. Времето покажа дека ова беше наша исправна одлука поради фактот што имаше неколку неуспешни обиди од повеќе страни да бидеме вовлечени и инструментализирани со некаква политичка цел.

Во меѓувреме ние реализиравме информативни собири со граѓаните во повеќе места и директно ги следевме состојбите од терен. Во тој контекст, мора да спомнеме дека резултатите од референдумот за нас не беа изненадување, туку напротив беа очекувани. Излезноста во општините Ново Село и Босилово беше рекордно најниска од сите избори досега. Но, на што се должи тоа и што тоа значи? Во прилог се дадени статистики од излезност на последните 4 избори со поделба по одредени избирачки места во рамките на општините Босилово и Ново Село.

Ако се земат резултатите од парламентарните избори 2016 како контролен примерок и потоа се споредат резултатите од локалните референдуми што се одржаа пред точно една година и резултатите од локалните избори што следеа еден месец покасно, тогаш овие статистички настани даваат уникатен увид во утврдување на статистички корелации кои нужно се рефлексија од состојбите на терен. Аналитичките центри на големите партии ова одлично го знаат и чудно е зашто некои се изненадени од ваквите резултати. Можеби истите не сакаат да признаат, но реалноста е јасно видлива и неумолива. Заеднички именител во двете општини е кршењето на дадениот збор дека ќе го сопрат рудникот на смртта, односно по добивањето на гласови на локалните избори почнаа да шуруваат со Еуромакс преку локални функционери и поединци на високи позиции во Владата.

Граѓаните испратија директна порака до Владата дека не прифаќаат да бидат злоупотребувани со ветувања кои не се исполнуваат или да се манипулира со нив. Југоистокот ја казни и претходната влада за проблемот со рудниците, а Ново Село и Босилово јасно ставија до знаење дека по ниедна цена не сакаат рудник и му порачуваат на премиерот дека мора да си го исполни ветувањето за запирање на рудниците. Посебно затоа што сите знаеме дека Еуромакс Рисорсис се надвор од законот веќе две години и се уште функционираат неконтролирано, а студиите им се полни со недоследности, за што нема одговори или се кријат зад титули кои пак се вадат на околности или незавршени процеси. Сумарно кажано ништо не е завршено како што треба, но тоа не ги спречува да манипулираат со 102,5% сигурност. Што да кажеме за резултатите од локалните референдуми од пред една година? Од денешен агол и дистанца, со толкава излезност, каде повеќе од 95% се изјасниле дека се против рудникот Иловица-Штука, тогаш е повеќе од јасно дека рудникот треба да се затвори без одлагање.

Да резимираме на кратко дека ако е ова правна држава, тогаш ние се наоѓаме во некаков паралелен универзум и тоа доста далеку од прогресивниот свет. Излезот почнува со јасни чекори каде се постапува по закон, но и каде сносат одговорност сите оние кои дозволиле, одобриле со фалични студии и некомплетна документација да се случи две годишно пробивање на законските рокови за кое се предвидени рокови од 30 денови. Уште повеќе доколку со непостапување или злоупотреба на службена положба и овластување овозможиле причинување на значителна штета на Република Македонија. Посебно оние што се наоѓаат во конфликт на интереси или се приморани од различни причини да потпишуваат документи кои се спротивни на законите.

Треба да се знае дека политичката цена на рудникот Иловица ќе станува уште потешка со тек на времето. Уште сега им порачуваме на сите политички партии дека се додека не се одземе концесијата за рудникот Иловица-Штука, нека не помислуваат дека граѓаните во Струмичката Котлина ќе им дадат доверба на избори. Поточно, граѓаните ќе му ја дадат довербата на оној што ќе застане во нивна одбрана и го затвори рудникот без толкувања или импровизации.

Струмица и струмичко се сеќаваат на зборовите, но ги гледаат и делата кои произлегуваат од зборовите. Ова се нивните очекувања и тука нема компромис или вин-вин ситуација со домашни или странски трујачи. И нема да има, никогаш, по ниедна цена!

П.С. Постои и кривична цена на рудникот Иловица, посебно на потписници на документи, но за тоа набрзо.