Левица: Надетничката зрелост го победи референдумот

Политичката партија Левица, по повод неуспешниот референдум оддржан на 30 септември, преку својот ФБ профил се обрати на припадниците на македонската етничка заедница, повикувајќи ги на солидарност и единство со другите етникуми во државата и другите нации низ светот, бидејќи и тие го поддржаа движењето #Бојкотирам. Нивната објава ви ја пренесуваме во целост.


Почитувани граѓани припадници на македонскиот етникум,

На 30-ти септември, Република Македонија извојува важна победа против империјалните интереси. Бојкотирајќи го нелегитимниот референдум за прифаќање на инхерентно реакционерниот и шовинистички Преспански договор и за влез во воениот сојуз НАТО, граѓаните покажаа дека нема да потклекнат пред неправдата и заканите.

Но, на 30-ти септември не бојкотиравте само вие. Бојкотираа и Албанците, и Ромите, и Бошњаците, и Србите, и Турците, и Бугарите, и Власите. Бојкотираа припадниците од сите етникуми во републиката, заедно и солидарно против заедничкиот непријател, покажувајќи политичка зрелост која ги надминува етничките разлики. Надетничка зрелост без која оваа победа немаше да биде возможна. Надетничка зрелост која естаблишментот ја потцени и поради која го изгуби референдумот.

Почитувани Македонци, не заборавајте дека кога ви требаа, останатите етникуми застанаа заедно со вас. Не го заборавајте тоа кога во вас ќе се роди порив да ги нападнете, да ги навредите, да ги понижите, да ги третирате како граѓани од втор ред. Сетете се на нивната солидарност.

Не заборавајте дека ве поддржаа и луѓе надвор од Република Македонија. Не заборавајте дека има Грци кои го бранат правото на самоопределба на Македонија и кои биле затворани поради нивната борба за правата на македонското малцинство во Грција. Не заборавајте дека од Балканот многумина ја поддржаа борбата на граѓаните на нашата република против империјалистичките сили. Не заборавајте да стоите заедно со нив, кога тие ќе ја побараат вашата поддршка.

Нашата борба не е помеѓу етникумите, ниту помеѓу нациите. Таа е нивната борба, борба со која нè експлоатираат и нè делат, за да не можеме заедно и сплотено да им се спротивставиме. Нашата борба е класна борба. Нашиот непријател не е ниту Македонецот, ниту Албанецот, ниту Ромот, ниту Гркот. Нашиот непријател e НАТО, банките, големите корпорации, газдите кои владеат, корумпираните политичари кои работат спротивно од нашите интереси. Нашиот непријател се анти-работничките политики кои нè осиромашуваат, кои нè принудуваат да гинеме за империјалистичките интереси.

На 30-ти септември, ние покажавме дека заедно можеме да му се спротивставиме на заедничкиот непријател. Но, борбата е далеку од завршена. Напротив, таа допрва почнува и ќе биде извојувана само ако застанеме заедно, солидарно и без меѓусебна омраза против заедничкиот непријател.

Само обединети и солидарно ќе изградиме свет во кој сите ќе бидеме рамноправни.

Подобро општество е можно. Подобро општество е нужно.

Почитувани граѓани припадници на македонскиот етникум,На 30-ти септември, Република Македонија извојува важна победа…

Публикувахте от Левица / Levica / E majta в Понеделник, 1 октомври 2018 г.