Секој работник ми е другар, секој газда – непријател

Жената која што работи од 9 до 5, која што е неретко приморана да работи во најниско платените професии, која што се враќа преморена дома, која што готви и чисти за својот маж и деца, која што се плаши за својата безбедност, дома и на улица, е моја другарка. Жената претприемачка која што експлоатира други жени, која што е преставничка на бизнис партиите во Собрание, жените како Радмила Шеќеринска кои што пропагираат НАТО вредности, тие не ми се другарки – тие ми се непријатели.

Албанецот кој што мака мачи да врзе крај со крај во месецот, кој не го вработуваат ако не се зачлени во ДУИ/БЕСА/Алијанса, кој го тепаат во училиште бидејќи не е Македонец, е мој другар. Албанецот газда, милијардерот, Али Ахмети кој што подгрева етнички конфликти, тој не е мој другар – тој ми е непријател.

Ромот кој што е принуден да проси, кој што нема држава која што може да ја нарече своја, туку секаде е третиран како граѓанин од најнизок ред, кој што е гледан со сожалување, кој што е најпогрдно навредуван и понижуван, на кого ништо не му е пружено и за кого никој не мрда со мал прст, тој ми е другар. Ромот кој, како Амди Бајрам, профитира на грбот на угнетените Роми, се врти како сончоглед во Собрание и лажно ги претставува Ромите, тој не е мој другар – тој ми е непријател.

ЛГБТИ лицата кои не можат да се вработат ако ја откријат својата сексуална/родова ориентација, кои живеат во страв да не бидат претепани или убиени, потиснувајќи ги своите чувства, криејќи се од најблиските, тие се мои другари. ЛГБТИ лицата кои водат мултимилионерски компании, како Тим Кук, кои својата „прогресивност“ ја разбираат како начин да профитираат од НГО грантовите пропагирајќи Западни „вредности“, тие не се мои другари – тие ми се непријатели.

Секој работник, секаде, од кој било род, раса, националност, етникум, религија или сексуална ориентација, е мој другар. Бидејќи тоа е единственото што нѐ поврзува и основата на сите наши разлики – нашата непривилигираност во немилосрдната трка за пораст на капиталот на привилигираните. А тие привилигирани газди и нивни претставници и апологети, секаде, од кој било род, раса, националност, етникум, религија или сексуална ориентација, се мои непријатели.

Затоа што ние скапуваме по улици, додека тие живеат во палати, ние умираме на работа, додека тие профитираат од нашата пот, ние скапуваме по затвори за неколку грама марихуана, додека тие оставки даваат и продолжуваат со животот како ништо да не се случило, ние се разболуваме од нечист воздух, додека тие живеат на Водно, ние примаме неквалитетни вакцини, додека тие своите деца ги вакцинираат во странство, над нас паѓаат бомби за војните кои тие ги започнуваат.

Ние не сме исто, без разлика колку се трудат да ни го докажат спротивното. Ние создаваме сѐ, а тие поседуваат сѐ . Затоа мојата прогресивност лежи и ќе лежи во солидарноста со сите кои се угнетени, секогаш против нив кои нѐ угнетуваат, без разлика на која родова, расна, национална, етничка, религиска или сексуална група им припаѓаат.

Став на Јован Крајевски, член на Президиумот на Левица.

Жената која што работи од 9 до 5, која што е неретко приморана да работи во најниско платените професии, која што се…

Публикувахте от Jovan Krajevski в Четвъртък, 23 май 2019 г.