АктуелноИнтернационално

Наместо Македонци, Ескобар не’ нарече православни од Северна Македонија

Заменик-помошникот државен секретар на САД и специјален претставник за Западен Балкан, Габриел Ескобар во ексклузивното интервју насловено „Видувањата за Западен Балкан од внатрешноста на Стејт Департментот“, зборувајќи за меѓуетничките односи во државата помеѓу Македонците и Албанците, тој не’ нарече православни од Северна Македонија и додаде дека државата треба да ги внесе Бугарите во уставот.

„Една работа што тие ја прават правилно во контекст на регион, за кој етничкото ривалство е карактеристика, Северна Македонија е вистински пример за мирен соживот меѓу Албанците и православните“ изјави Ескобар во разговорот со новинарката Ксенија Павлович

Во продолжение претставникот на Стејт Департментот, во духот на однесување кон Македонија како кон колонијална периферија, карактеристично како за време на преспанскиот договор „нареди“ државата да ги спроведе „договорите“ и внесе Бугарите во Уставот.

„Значи, сега е модел на демократска граѓанска држава. Сега, она што сега треба итно да го направат е да се придвижат напред кон спроведување на договорите што ги имаат за работа на уставните измени“, рече Ескобар.

Зборувајќи за „францускиот предлог“ тој додаде дека државата мора да ги признае етничките Бугари како конститутивна етничка група, велејќи дека тоа не е никаков проблем за Македонците.

„Сега нивната преамбула веќе признава неколку етнички групи. Не мислам дека ова е проблем. И, исто така, мислам дека Северна Македонија има прилично добро досие за заштита на правата на малцинствата. Но, тие треба да го направат тоа. И ние се надеваме дека тие ќе го направат тоа.“