Адеми кој доби тендер од МНР вреден 1,8 милиони фотографиран во седиштето на ДУИ со Османи

Фотографијата ќе ѝ биде од голема корист на Државаната комисија за спречување корупција кога ќе проценува дали е можно да имало политичко влијание при доделувањето на тендерот на МНР.

Иако министерот за надворешни работи Бујар Османи, како што рече, од медиумите дознал дека сопственикот на фирмата Еуровиа Елмедин Адеми, која доби тендер од МНР од околу 1,5 милиони евра, е донатор на неговата партија, нема сомнение дека двајцата одлично се познавале.

На социјалните мрежи се појави и се споделува фотографија од раководството на ДУИ, на која Османи и Адеми се речиси рамо до рамо во седиштето на партијата, заедно со лидерот Али Ахмети, министри во владата, спикерот Талат Џафери и други членови од највисокото раководство на партијата.

Фотографијата покажува дека фирмата Еуровиа има силни конекции во врвот на ДУИ, такашто таа ќе ѝ биде од голема корист на Државаната комисија за спречување корупција при одредување дали е можно да имало политичко влијание при доделувањето на тендерот на МНР, за што вло Антикорупциска е почната постапка.

Фирмата Еуровиа исто така редовно донирала пари за ДУИ, како што може да се види од партиските финансиски извештаи доставувани до Државниот завод за ревизија, УЈП и до Министерството за финансии, уште во 2011 година.

Освен тендерот за адаптација на салата „Борис Трајковски“ за претстојната конференција на ОБСЕ, Еуровиа преходно доби тендер од 2 милиони евра за изградба на полициска станица во Аеродром.

Османи вчера рече дека досега не знаел дека фирмата победник на тендерот и нејзиниот сопственик биле донатори на неговата партија ДУИ.