Апасиев: Мора да ги напуштиме преговорите со Бугарија – светот е мултиполарен и има алтернативи

Треба да ги продолжиме преговорите со ЕУ, но мора да ги напуштиме преговорите со Бугарија, рече лидерот на Левица и пратеник Димитар Апасиев во емисијата „Само вистина“ на телевизија Канал 5.

Тој оценува дека во преговорите со Бугарија на маса се идентитетските одредници и затоа потребна е резолуција за црвените линии.

-Мора да се зачува достоинството на народот. Ние ќе бидеме новата Турција, која триесетина години преговара со ЕУ. Светот е мултиполарен и има алтернативи. Кина за една деценија ќе стане најсилна економија,  постојат Евроазиска унија, Движењето на неврзаните, БРИКС… – смета Апасиев.

Тој го обвини премиерот Зоран Заев дека е причина за настанувањето на проблемите со Бугарија.

– Доаѓањето на Заев ги направи проблемите со Бугарија, со потишувањето на фамозниот договор за добрососедство и тој цело време вели дека член 2 е прекршен и ако го прочитате членот 2 ќе видите дека не е прекршен. Бугарите фино го спакувале членот 2 кој вели ќе ве поддржиме за влез во НАТО,  а ќе ви даваме сугестии за членство во ЕУ. Тие никаде не се обврзале дека нема да стават вето – рече Апасиев во емисијата, при што дополна дека останува на ставот за укинување на Преспански договор.

Апасиев, исто така, вели дека раководството на Заев има слаби дипломати.

– Немаме добри дипломати, Димитров е „Ш” категорија дипломат и не знае да преговара. Има една теза која ја вадат некои политиколози дека Заев намерно става вакви кукавички јајца во секој договор, за кога ќе дојдат претставници од меѓународната заедница и кога ќе кажат ,,ајде уште ова, па ајде уште ова треба да се направи”, Заев да биде единствениот лик кој ќе се нафати на такви чекори, истакна Апасиев.