За Законот за јазици од неуставен аспект

Контроверзниот предлог до Собранието на Владата на РМ во форма на „Закон за употреба на јазиците“ кој треба да стапи веднаш(?!) по неговото донесување (па нели не може без јазик, па со што ќе се лижиме, тоа треба итно да се овозможи на граѓанството) предизвика премногу правна и легалистичка бука во јавноста. Ова практично имаше придонес кон типичното замрсување на политичката дебата, какo и нејзино насочување во погрешна (во најмала рака суштински небитна – формално правна) насока од страна на етаблираните интелектуалци во државава.

Како и да е, сепак скоро според сите познавачи и помалку зналци на оваа материја, недвосмислено процедурата во парламент е прекршена (освен оние што знаат се и најдобро од сите, тие де кои се појавуваат како креатори на еден ваков недоречен устав). Со употреба (а не злоупотреба) на вазалската позиција на државава во однос на евроантлатскиот пакт (институтот „европско знаменце“), законот по брза постапка е арогантно шверцуван и наметнат преку храмот на јазиците лижачи – Собранието, имено партитократски доследно. Што се однесува до уставноста за содржината на самиот предлог закон, на тоа и не вреди да се контемплира поради тоа што Уставот е поприлично недоречен и со празнини… правен лек не постои, потребна е политичка дијагноза. Од таму подолу за оваа проблематика ке биде речено нешто надвор од рамките на Уставот, законите и легалистичките процедури кои очигледно се обележани со испрекинати тенки линии…

Пред се, имплементацијата на одредбите од овој закон ќе има сериозни финансиски импликации, а богами и сериозен товар на институциите кои и онака се неефективни. Така сегашната позиција која претходно во опозиција буквално јаваше на фактот дека власта троши непотребно и безобразно, сега игнорирајки го ваквиот ефект на своите политики е политичко лицемерие полиено со елоквентен шла(јм)г од евтин популизам.

Понатаму, овој истрел на трулата политичка заедница каква што е рамковна Македонија е директна последица на елитистичките договори зад затворени врати и подбуцкувања под маси. Ова не е ништо друго, освен танте за кукурику однос помеѓу естаблишментот на ДУИ и СДСМ. Имено, токму во овој случај имаме директна каузалност како последица од практикувањето на реформите од ОРД (Охридски Рамковен Договор), кој го фаворизира претставништвото на самите заедниците, па очигледно преговорите зад затворени врати не се водат од интересите на заедницата која ја претставуваат, туку од личните интереси и бенефиции на етничката авангарда. Законот е доказ дека токму лидерските средби, како платформа за усогласување на партиските решенија и пазарења на државна сметка, се централна политичка институција, а не Уставот и Собранието. Затоа беспредметна е расправата за усогласеноста на зконот со Уставот, деловникот па и волјата на народот.

Законот апсолутно не само што го подгрева национализмот туку, наспроти тврдењата на предлагачот, тој токму во духот на Рамковниот договор ја етаблира етничката сегрегација. Тој јазикот не го поима како код за комуникација. туку како трон на етничката култура, што е доста политички примитивно во овие времиња. Ние мораме да се вратиме назад и да констатираме дека политиките на мултикултурализмот, по теркот на ОРД, ги замаскираа другите видови на нееднаквост кои се појавуваат помеѓу групите за сметка на некаква политички фиктивна категорија на културолошка еднаквост.

Унапредувањето на јазикот никако не може да биде одвоено од унапредувањето на социјалната и материјална благосостојба на предметната етничка заедница. Дури и нивната култура директно зависи од материјалната благодет на членовите на заедницата, како темел за нивен културолошки прогрес. А јазикот е само дел како една од повеќето форми на културата и традицијата на заедницата, а не само по себе негова цел – нема богата култура во сиромашна заедница! Имено, во спротивно како сега, кога на таква немаштија прогресирана до заулавена социјална отуѓеност, обидот за културолошко унапредувње на етничката заедница нема да продуцира ништо освен национализам, политиканство и бескурпулозно институционално силеџиство.

На крај, уште би сакале да подвлечеме како во политичката етика на посткапиталистичката епоха, меѓу другото како и се околу, така и знако_дејствието на храброста преоѓа во својата спротивност. Имено, интелектуалците на граЏанската епоха, како во примерот на Фрчковски, при апологија на позицијата на СДСM по прашањето за овој популарен Закон за Јазици, ги признаваат малтене сите контроверзии на овој закон. Но сепак, оценува тој, дека и покрај тоа (покрај сите нерегуларности!) СДСМ поддржувајќи ја малограѓанштината на ДУИ не покажала вазалство, кратковидност и политичка недоветност, туку тоа било храбар чекор, и тоа дури “и покрај се”?!

Уште еден таков пример на бескурпулозно лицемерие е и петлечењето на власта со меѓународната потврда дека кредитниот рејтинг ни е подобрен, па така веќе не мора да се секираме за јавниот долг, нашето задолжување е оправдано понатаму, дури и пожелно како што нагласуваат меѓународните институции.