Османи да ја надмине 2001, етничкиот идентитет на Македонците е загрозен

На денешното гостување на Канал 5, лидерот на Левица истакна дека резолуцијата на ВМРО-ДПМНЕ не ги загрозува преговорите, како што изјави министерот за надворешни работи Бујар Османи. Тој дополна дека под услов на реципроцитет, Левица би ја поддржала резолуцијата на ВМРО-ДПМНЕ, поради што очекува поддршка од нивните пратеници за Декларацијата на Левица.


Нашата Декларација е поднесена уште во октомври, таа се најде формално на дневен ред на 24-та седница и никако да продолжи таа седница. Тоа е намерно, бидејќи такви се бланкетни нормите на Деловникот и си толкува како што сака претседателот на Собранието, Џафери.

Ние начелно ја поддржавме резолуцијата на ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи во консултациите предводени од Милошоски, како бивш министер за надворешни работи кој има дипломатско искуство, тој ни ја понуди на разгледување. Горе-долу таа е прифатлива, како текст таа е коректна, дури и бенигна. Нема ова што изјавува Османи дека ќе наштети на процесот. Тоа што Османи обвинува дека е етничка е бидејќи не може да ја надмине таа корупка која што ја има од 2001. Нормално дека е етничка, бидејќи етничкиот идентитет на Македонците е загрозен, не е на Албанците.

И тој треба конечно да биде европски политичар и да ги надмине тие негови концепти од 19-ти век. Етничкиот идентитет на Македонците е загрозен, ние стануваме северномакедонци, нашиот јазик станува северномакедонски и од тој аспект Резолуцијата за нас е прифатлива. Ние кажавме и на прес, под услов на реципроцитет, ако монархот Џафери ја стави нашата Декларација на дневен ред, тогаш се надеваме на поддршка од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ.

Ние ја нарековме македонска национална платформа, пандан на оваа Тиранска шовинистичка платформа, која си ја направија ДУИ и Алијанса и тоа отидоа во Тирана да ја направат. И таа Платформа горе-долу се црвени линии. Црвените линии според нас се: унитарноста на Македонија (против федерализација и кантонизација), секуларност (да се зауздат верските заедници), територијалниот интегритет, идентитетот (име, јазик, култура) и државните симболи (грб, знаме и химна).

Значи тие пет точки се НЗС зад кои секоја македонска партија мора да го стави својот потпис, бидејќи во спротивно, за неколку децении отсега, ние ќе немаме никаква држава, односно ќе бидеме Курди на Балканот. СДС првично ја отфрлија платформата, па после ја прифатија. Знаете има изрека „Не им верувајте на Данајците дури и кога дарови ви даваат.” Има некоја финта тука.

Резолуцијата нема потреба да го користи новото име, бидејќи тие се повикуваат на резултатите од референдумот од 1991 година, кога државата се викала Република Македонија. Бидејќи ќе биде историски фалсификат ако пишете дека државата се викала Република Северна Македонија. Мислам дека таму СДСМ ќе сака да интервенира амандмански. Теоријата им е добар и лош цајкан, така играат со ДУИ. Значи СДС се сега добрите, а ДУИ лошите и бидејќи ДУИ го има спикерското место, ќе ја вози до недоглед како нашата. Ако Резолуцијата биде ставена на дневен ред, ќе биде изгласана, бидејќи има просто мнозинство, ако ги додадете и СДС има и две-третинско мнозинство. 

Штета е што и досега ние немавме црвени линии. И оние кои ги имавме Заев ги поткопа, за што треба кривично да одговора, особено со Преспанскиот договор.” – истакна претседателот на Левица, Димитар Апасиев.