Левица: Заедничкото решение е најава за ново сериозно загрозување на македонската државност – преговорите со Бугарија мора итно да прекинат!
Од политичката партија Левица се бара итен прекин на преговорите со Бугарија и ставање на дневен ред предлог Декларацијата за осуда на бугарските национал-шовинистички претензии, која пратениците на Левица ја поднесоа уште во октомври минатата година.
Реакцијата ја пренесуваме во целост:
„Во пресрет на состанокот на Советот на ЕУ, каде ќе се одлучува за стартот на преговорите на Македонија и Албанија со ЕУ, на чиј пат стои препреката на Бугарија, ја предупредуваме јавноста дека и покрај тоа што премиерот Заев нѐ убедува дека не преговара ниту за јазикот, ниту за идентитетот, сепак, поучени од претходно, нема сомнеж дека спрема уште едно велепредавство! Впрочем, оттука и апсолутната нетранспаретност на Владата во однос на предлогот кој Заев скоро го достави до официјална Софија – трговецот на пиперки и бостан со амбиции да ја распродаде државата преговара токму за јазикот и историјата, поточно продолжува да го разнебитува темелот на националниот идентитет.
Изјавите од страна на претставниците на Унијата, дека таа е посветена кон изнаоѓање на „заедничко решенија“, не се ништо друго освен уште еден подол обид во замајување на македонската јавност, исто како што беше и случајот со Преспанскиот договор и воениот сојуз НАТО. Политичкиот естаблишмент, замајувајќи го народот, се обидува да му создаде илузорен призор за неговата „светла“ иднина, овој пат преку ЕУ. Заедничко решение кое штети само на едната страна не може да има! Проблемот е тоа што Бугарија, како и генерално самата ЕУ, не можат да го прифатат своето фашистичко минато. Додека пак, иднината на ваквата нереформирана ЕУ, е се’ поизгледна како колонија и жртва на британско-американските интереси, а на штета на целиот европски народ.
Во ваква консталација, преговорите со ЕУ на Македонија ќе бидат само заради и во корист на туѓи интереси. Дополнително, ќе се создадат можности за поткусурување со државата на македонскиот народ и нејзина понатамошна ерозија, како преку влијанијата однадвор (империјалистички политики на финансиско поробување), така и преку влијанијата одвнатре (поддршка на трибалистичките политики кои се во полн налет).
Зарем не видовме дека истите оние кои имаат полни усти со „европски вредности“, постојано (ќе) бараат и наоѓаат начини и преговори (за) членството во ЕУ да го искористат за лични интереси – за градење на нивните „дипломатски кариери“, за наоѓање на нови пазари и нови клиенти за распродажба на народниот имот, јавното здравство, националните и природните богатства. Впрочем, и самата Бугарија е најдобра потврда за тоа.
Јасно е дека нема да биде донесена конечна одлука од совет на министри на ЕУ. Сепак, таква одлука ќе донесат шефовите на држави и влади на седницата на Европскиот совет, која е закажана за во четврток и петок во Брисел. Зарем не се истите овие лидери кои ја аминуваа одлуката на Владата за промена на Уставот и името на државата, како и погребувањето на АСНОМ-скиот карактер на Македонија, без за сето тоа да имаат референдумска одлука за поддршка и легитимитет; зарем не се истите овие лидери кои премолчуваа отворен поткуп и закани кон пратеници со цел нивно „убедување“ да дадат поддршка за сите овие измени; Зарем, сите овие господа не се истите тие кои ги охрабрија Заевци да направат национално предавство со Преспанскиот договор, ставајќи ја државата во потчинета положба наспрема друга држава – што е кривична одговорност на дело кое не застарува и за кое овој пат нема да има можност за аболиција!
Сите овие години, од распадот на СФРЈ до денес, спроведувањето на нео-либералните политики, токму под диктат на меѓународната заедница, Македонија ја претворија во транзициска депонија покрај патот на „евро-атлантските стратешки цели“. Ваквиот, малтене, религиски занес на македонската јавност, во целост, ѝ создаде фанатични уверувања во фиктивен рај, преку привидението – членството во ЕУ.
ПОТРЕБНО Е ВЕДНАШ ДА СЕ ПРЕКИНАТ ПРЕГОВОРИТЕ СО БУГАРИЈА и во Собранието на Македонија, на дневен ред да се најде предлог Декларацијата за осуда на бугарските национал-шовинистички претензии, која пратениците на Левица ја поднесоа уште во октомври минатата година. Претседателот на Собранието, неисполнувајќи ја деловничката должност која му ја налага функцијата, без нималку политичко достоинство, упорно ја задушува оваа наша иницијатива.”