Само 162 милијардери се побогати од пола планета

Како потсетување за острите разлики во економската состојба на светско ниво, еден извештај кој беше објавен оваа недела открива дека 162 милијардери, меѓу кои Марк Цукерберг од Фејсбук и Џеф Безос од Амазон, се богати колку пола од сите луѓе на планетава заедно.

Низ светот има 2.153 милијардери и во 2019 година тие заеднички имаат повеќе пари од 4,6 милијарди луѓе, според извештајот кој користи податоци од Кредит Свис Глобал Извештајот за Богатство и листата на Форбс за милијардери. 

Извештајот користи живописна аналогија за да ја долови подобро нееднаквоста. Ако секој човек седи на парите што ги има претставени во банкноти од 100 долари тогаш повеќето луѓе би седеле на подот, личност со средни примања од развиените земји би седела на висина на столица, додека најбогатите двајца милијардери би седеле надвор од атмосферата.

Извештајот на Оксфам се објавува секоја година баш пред Светскиот Економски Форум во Давос, каде се собираат истакнати политичари и бизнисмени кои слетуваат со приватни авиони во скап скијачки град во Швајцарија за, наводно, да дискутираат „како да се подобри светот“.

Според извештајот, штом човек еднаш ќе се збогати лесно е само да седи и да гледа како парите се сливаат, бидејчи богатите можат да си ги дозволат најдобрите инвестициски совети. Богатството на милијардерите, во просек, се зголемувало за 7,4% на годишно ниво, од 2009 година па навака, според извештајот на Оксфам. Годината 2019 беше посебно добра за ултра-богатите. Иако на почетокот на годината нивното вкупно богатство малку се намали, тие брзо се опоравија и најбогатите 500 луѓе во светот своето богатство во 2019 го зголемија за 1,2 трилиони долари, според анализа од Блумберг.

Според некои, фактот што е можно идивидуа да акумулира богатство поголемо од БДП на неколку земји е олицетворение на т.н. Американски Сон. САД, со 705 милијардери, е земја со најголем број милијардери како процент од полулацијата и во 2019 беше единствената држава во која овој број се зголеми. 

Но, според други, ова е знак дека некаде сме погрешиле. Економистката Стефани Келтон напиша твит минатата година: „Никој не создава милијарда долари. Единствено се земаат милијарда долари.“. Конгресменката Оказио Кортес во јули изјави: „…системот кој дозволува некој да поседува милијарди долари, додека луѓе од Алабама добиваат глисти поради немање чиста вода за пиење е систем кој е погрешен.“. 

Екстремното богатство е знак на лош економски систем“, според извештајот, во кој се вели дека околу третина од милијардерите ги наследиле своите милијарди. Богатството на американскиот претседател, Доналд Трамп, на пример, се основа на стотиците милиони долари кои ги има наследено од неговиот татко.

Јазот помеѓу богатите и сиромашните останува голем. Истражувањата на францускиот економист Томас Пикети докажаа дека плодовите на глобалниот раст на економијата не се уживани од сите подеднакво. Од 1980 до 2016 година најсиромашните 50% од светското население  добија 12 центи за секој долар од глобалниот раст, додека најбогатите 1% добија повеќе од двојно, односно 27 центи на секој долар.

Иако проценките за економската состојба на најсиромашните се подобрија оваа година, стапката со која се намалува бројката на луѓе кои живеат во сиромаштија се преполови од онаа во 2013 година, според Светската Банка. 

Додека огромен број на луѓе излегоја од сиромаштија во минативе декади сѐ уште 735 милиони живеат под работ на сиромаштија т.е. живеат со помалку од 1,9 долари дневно, а скоро половина од светското население (3,4 милијарди) живеат со помалку од 5,5 долари дневно. 

Во минатата година имаше огромни протести против сиромаштијата низ светот, од Чиле до Либан и Еквадор. „Светската нееднаквост е на кризно ниво“, вели Ребека Гауленд, одговорната на Одделот за нееднаквост во Оксфам.