Смилев: Мора

Автор: Игор Смилев

Да го заразите некого со чекање, тоа е најсигурен начин да се владее со него. Тоа значи целосно и засекогаш да го направите неподвижен и безопасен, и всушност, таа заблуда од чекањето, поцврста е од најдобро изградениот затвор и посилна од најсилниот оков . Со малку повеќе среќа и вештина, од затворот и од прангите може да се побегне, ама од оваа заблуда на чекањето никогаш. Ниту сега, ниту во иднина.

Тоа е концептот и политичката доктрина на владеење на т.н. нови политички елити кои во изминатите 30 год остареа владеејќи со Македонија и ширејќи ја совршено заразата на чекање. Одлично знаеја, заболениот од заблуда тешко се лечи, наспроти оние кои совршено го пуштија вирусот меѓу нас. И така почна болеста да се шири. А ние, почнавме да чекаме, оти таков беше вирусот. Чекаш. И Чекаш. Чекалниците се преполнија, а во нив луѓе колку во сета Агенција за вработување заедно.

Чекаш “тешкото” да престанеш да го играш, чекаш да започнеш со  три напред, чекаш да се разлисташ, чекаш ноќта ден да стане, чекаш од зеленото зрело да береш, ма чекаш и  исушеното и гнилото да го зазелениш. Чекавме да се вакцинираме. Исто како и сега. Да си го најдеме лекот и чарето против чекањето. Се пријавуваавме, гласавме, заокружувавме, чекавме во ред, а вакцина немаше. .Немаше ни комшии да ни подарат или позајмат лек. 

Единствен подарок беше Тројански коњ, а ние како нематурирани деца кои чекаат да добијат подарок, се израдувавме на коњчето од комшиите. Радосно и гордо Си го примивме , оти тоа беше едно од ретките нешта кое го чекавме, а најлесно го добивме.

И така, во чекање, како што јас знам да кажам многумина заминаа во друга агрегатна состојба. Не им издржа душата во ваква пеколна чекална. Рeспиратор не помага за чекањето, па неминовно ги испративме.

Како и секој вирус, така и овој, ако го преживееш, ќе станеш посилен, ќе стекнеш имунитет. Е тој ќе почне да те штити од чекањето. Па ќе те натера и навикне да се бориш. Најпрвин ќе стекнеш личен имунитет, а потоа постепено почнуваш да го заразуваш мнозинството кое одамна “чека “ колективен имунитет. И имунитетот (а не само вирусот) знае да биде заразен и пренослив во вакви општества, многу повеќе од најзаразниот вирус. 

Вака стекнатиот имунитет се покажал особено ефикасен против креаторите на Македонската пеколна чекална. Против Овие кои 30 години нè трујат, нè заразуваат, нè малтретираат, нè крадат, нè ограбуваат, нè  пљачкосуваат и нè  ажат, ни ги сечат шумите, ни ги секнат реките и водите и на лажичка  ни пуштаат по неколку капки лага, спакувани во совршена амбалажа на која пишува “вакцина”.И така, ќе нè залажат како куче за да продолжиме со кучешкиот живот и со исплазени јазици покорно и робовски  повторно да не натераат да им јадеме од рака.

Ете, затоа е најважно да се имунизираме навремено. Со двојна доза. Во вистинска вакцина. Фрлете ја со презир лажичката која ви ја подметнуваат секојдневно.  Во секоја нормална држава постои  богата, средна класа , сиромаштија и подземје. Само во ваква заболена држава како нашата не постои подземје, оти тоа одамна е споено со власта и богатите. Ете таквите ни ја продадода заблудата на чекањето. Да чекаш и да се надеваш. Од нашето чекање, тие секоја година дочекаа милиони и милиони.
Имунизирајте се! Сега и што побрзо. Секоја вакцина е добра, особено онаа што дала најдобри резултати против чекањето.