АктуелноИнтернационално

После 50 години во затвор, во САД умре еден од најдолго затворените членови на Партијата на Црни Пантери

Еден од најдолго затворените членови на Црните Пантери, Ромејн „Чип“ Фицгералд почина на возраст од 71 година оваа недела, откако одлежа 51 година во калифорнискиот затвор.

Фицгералд им се придружил на Црните Пантери во 1969 година кога тој бил тинејџер, откако читал за борбата за ослободување на Црнците, додека бил притворен во самицата на младинската управа на Калифорнија. Во септември 1969 година, Фицгералд заедно со уште двајца членови на Црните Пантери биле стопирани од полицајци, што ескалирало во вооружена пресметка, по што Фицгералд бил застрелан во главата, а еден полицаец бил повреден.

Тој успеал да избега од настанот, но еден месец подоцна бил уапсен. Фицгералд бил осуден на две доживотни казни: една за обид на убиство на полицаец, а друга за убиство на чувар, иако сведоците негирале дека тој бил вмешан во убиството на чуварот.

Фицгералд одлежал три пати повеќе од просечната казна за неговите наводни кривични дела. Иако ги исполнувал условите да биде пуштен на условна казна уште во 1976 година, судот постојано одбивал, па дури и кога преживеал мозочен удар и не бил во можност да оди. Иако беше организирана кампања за слобода на Фицгералд, тој умре пред да биде пуштен на слобода.

Партијата на Црни Пантери била изградена врз социјалистичко убедување, каде причината за опресија врз црнечкото население ја лоцирале во експлоататорската природа на капитализмот. За време на своето делување, тие успеале да формираат бесплатни училишта и кујни за децата кои доаѓале од сиромашните гета. На овој линк може да се прочита говорот на еден од најистакнатите лидери на организацијата, Фред Хемптон, кој бил убиен на 21 годишна возраст од страна на ФБИ, како дел од планот да се неутрализира црнечкото ослободително движење.