Говор на Фред Хемптон во чест на неговиот роденден

Фред Хемптон претставува херој во борбата за ослободување на Црнците во Америка и воопшто, во борбата за соборување на капитализмот. Тој е еден од најистакнатите лидери на Партијата на Црни Пантери се до неговото ладнокрвно убиство на возраст од 21 година организирано од американската влада. Убиството на Хемптон било дел од планот на ФБИ да се неутрализира црнечкото ослободителното движење, а особено да се уништи Партијата на Црните Пантери. Убиството на Фред Хемптон е еден од најсилните примери во поновата историја за немилосрдноста на владејачката класа на САД. Неговото убиство јасно ја покажува бруталната опресија која американската влада секогаш ќе се обиде да ја примени кога работниците и опресираните класи ќе почнат ефективно да се организираат и да стекнуваат масовна поддршка во борбата за  фундаментални промени од интерес на сиромашните, работниците и угнетените.

Една од неговите најпознати изјави е  „Сета моќ во рацете на народот!“, укажувајќи дека промената мора да дојде од огромната народна маса со крајна цел – стекнување вистинска моќ, а не мали, безначајни реформи со кои се одржуваат постоечките односи на моќ.  И покрај неговата млада возраст, тој успеа да даде огромен придонес во движењето за ослободување на Црнците, борбата на работничката класа и социјализмот во САД.

По повод роденденот на Фред Хемптон, објавуваме превод на негов говор:

„Многу луѓе не го разбираат терминот ‘револуција’ и сметаат дека револуција претставува лош збор. Револуцијата не е ништо друго освен тоа како да имате рана на вашето тело, а потоа да ставите лек на таа рана за да ја излекувате инфекцијата. И јас ве уверувам дека сега живееме во заразено општество. Ве уверувам дека живееме во болно општество. И секој кој промовира интеграција во ова болно општество пред истото да биде излекувано, е човек кој извршил злосторство против својот народ.

Ако поминете покрај болничка соба и прочитате знак на кој пишува „контаминирано”, а вие се обидувате да ги внесете луѓето во таа просторија, тие луѓе се неверојатно глупави, ме разбирате, затоа што ако не се, ќе ви кажат дека сте нефер, неправеден лидер кој не се грижи за интересите на неговите следбеници. И она што ние едноставно го кажуваме е тоа дека лидерите мора да станат, мора да почнеме да ги правиме одговорни за нивните дела.  Тие одат наоколу и зборуват како тој и тој бил чичко Том, па ќе отвориме културен центар и ќе го научиме што значи да си црнец. И овој црнчуга е повеќе свесен од тебе и од мене, и од Малколм и од Мартин Лутер Кинг, и од и сите други заедно. Тоа е точно. Тие се оние кои се најсвесни. Тие се многу свесни, бидејќи тие се оние кои ќе го отворат центарот. Тие ќе ви зборуваат за Шака Зулу, лидерот на борците за слобода на Банту, или за Јомо Кениата, првиот црн премиер на Кенија. Тие ќе го работат сето ова за вас. Тие знаат се за тоа. Но, поентата е дека тие го прават ова затоа што имаат корист и тоа е профитабилно за нив.

Всушност, луѓето се вклучуваат во многу работи кои се профитабилни за нив и ние мора да ги направиме тие работи помалку профитабилни. Ние мора да ги направиме помалку корисни. Јас велам дека секоја програма што е донесена во нашата заедница треба да биде анализирана од луѓето кои припаѓаат на таа заедница. Треба да биде анализирана за да се види дали ги исполнува релевантните потреби на таа заедница. Нас не ни требаат црнчуги да доаѓаат во нашата заедница и да отвараат фирми за да отворат работа за црнчугите. Ние веќе имаме премногу црнчуги во нашата заедница кои не можат да ги истераат крекерите* од бизнисот кои тие пробуваат да го отворат.

Ние мора да се соочиме со некои факти. Мораме да се соочиме со тоа дека масите се сиромашни, дека масите припаѓаат на она што го нарекуваме пониска класа, а кога зборувам за масите, зборувам за белата маса, зборувам за црната маса и за кафеавата маса и за жолтата маса. Мораме да се соочиме со фактот дека некои луѓе викаат дека оган најдобро се гаси со оган, но ние викаме оган најдобро се гаси со вода. Ние викаме дека против расизмот нема да се бориме со расизам. Ние ќе се бориме против расизмот со солидарност. Ние викаме дека против капитализмот нема да се бориме со црнечки капитализам; ние ќе се бориме против капитализмот со социјализам.

Ние нема да се бориме против реакционерните свињи кои трчаат по улиците со реакционерство, ние мора да се организираме и да се посветиме на револуционерната политичка моќ. Ние мора да ги научиме специфичните потреби на отпорот против структурите на моќ, да се вооружиме и да се бориме против реакционерните свињи со интернационална пролетерска револуција! Така мора да биде. Моќта мора да биде биде во рацете на народот: таа припаѓа на народот.”

* Крекери – погрден збор кој се користи за белците во Америка исто како што „црнчуги” се користи за црнците.