ИнтернационалноСтав

Залезот на неолиберализмот

На неолибералната зима ѝ иде крајот. Овој крај, нема да дојде наеднаш, за ластовици абер носат кокичиња кои почнаа да наѕираа уште пред некоја година. За пролет да дојде ќе мора да приживееме уште некоја бура, чии последици ќе го скројат штофот на пролетната флора.

Александар Симонов – член на ЦК на Левица

Сонот за пазарна и либерална глобализација звучи се помалку реален. Глобалното лидерство се помалку му припаѓа на САД, Кина поблиску до тронот. Промената таму ќе ја промени и потребата за практикување на неолибералните „вредности“. Политичкиот систем ќе постави ново логичко гледиште кон нештата, партискиот плурализам како систем веројатно се помалку ќе е нужен, а економијата ќе движи во правецот на „новата“ прагматичност.

Од каде наѕираат кокичињата? – Арапската пролет потфрли, светот во неа повеќе не препознава опција која може да изроди неолиберална демократија на Блискиот исток. Шарените револуции или потфрлија уште на почетокот, или приведоа кон демократско избирање на новите диктатори, секако, изборот беше согласно универзалните начела на уставите кои создавајќи демократија создадоа нови форми на диктатура. И, да, жестокоста на „либералните демократи“ кон Асанаж и Сноуден само нѐ навратија на сомнежот: постои ли демократијата воопшто? – „Борбата против тероризмот“ од таканаречените демократии се претвори во фарса и вистинска беззаконска репресија. Растечката економска нееднаквост никој повеќе не може да ја крие. На дневен ред оваа разлика и не се третира повеќе како некаква „мака на пазарот“, додека американските миљардери по оваа тема се однесуваат со внимателен оптимизам.

Конечно, ковид пандемија во 2020 година, ера во чии услови секој достоен социјалист ја истури вината врз либералите. Сепак, либерална им беше идејата за здравствени системи во име на ефикасноста на пазарот, намалувајќи ги државните буџети за оваа сфера. Логично, според барањата на неолибералните економски визионери, владите ги намалија државните буџети и, ете ти, здравствените системи недоволно финансирани, проблеми колку сакаш. Човештвото за прв пат по неколку децении мораше да направи избор во корист на животот на луѓето, а не на профитот или бизнисот (не сите влади беа во можност да направат вистински избор тука). Но, ова сè уште не е „Крај на една убава ера“!

Големите работи се гледаат од далеку. Правилата на играта се менуваат на глобално ниво. Релативно кажано, во светот доминираше Кејнзијанската економија по Втората светска војна. Се карактеризираше со високи државни трошоци, интервенција во економијата и желба да се изгради „социјална држава“ (вклучително и во капиталистичките земји). За време на студената војна противникот беше причина за слабост, денес самата ги покажува своите слабости. 

За да се промени доминантниот пристап во економијата, требаше да претходи многу длабока криза и стагфлација, што доведе до неолиберализам. Така во политиката се случи Советскиот сојуз да се распадне само малку подоцна, а светот се претвори во униполарен.

Тоа беа титански промени, наспроти било кои од настаните во последните пет, десет или дваесет години кои се обична ситница. Да, нацистите во Европа нешто мрморат за миграциската криза. Да, во Америка, лидерот се смени од глобалист во националист во 2016 година – (кој загрижен за кинеската закана најави враќање на „Велика Америка“). Да, Арапската пролет не успеа. Да, во 2015, ‘16 и ‘17 година,се чувствува како светот да влезе во мода за бруталните десни конзервативни лидери, од Трамп до Болсонаро (и, се разбира, Владимир, кого светските медиуми веќе почнаа да го претставуваат како „цар“ ) Да, Кина се движи кон глобалното лидерство и целосно влезе на глобалниот пазар. Да, Том Пикети беше во право кога ја објави познатата книга Капитал во 21 век во 2013 година за неизбежниот пораст на нееднаквоста во денешната пазарна економија. Да, разговорот за социјализмот на Запад во последниве години веќе не е маргинален и ова веќе не создава синџир на здруженија „Гулак, Комунизам, Руси“. Да, во 2010-тите се појави нов бран на популарност на феминизмот во светот, кој очигледно не е подготвен да се ограничи на едноставно славење на успешни жени кои „се создадени“ под сегашниот капитализам. Конечно, во 2020 година избувна пандемија во светот, која го „лизна“ и пазарот и системот.

Но, големите работи се гледаат од далеку. Ако реагиравме на ист начин на секоја „бура“ во светската историја, тогаш, уште во Кримската војна ќе забележевме крај на релативно мирниот (во смисла на војни) XIX век. ГОЛЕМАТА ПРОМЕНА во правилата на игра на глобално ниво се случија со Првата светска војна, – по што се распаднаа вековните империи, се срушија вековните монархии, а Европа и светот се сретнаа со нов бран на револуции. Но, „првите ластовички“ се појавија пред Прва светска војна, многу порано, и ги имаше многу. Многу.

Овде ја гледам историската паралела и блискост помеѓу таа историската епоха и епохата во која живееме денес. Збиднувањата, кои ги носеше  XIX век, (септемвриска револуција, неаполска револуција, славната револуција, мајска револуција, полското востание и т.н.) беа само најава (кокичињата) за големата системска промена која следи и беше реализирана во ХХ век. Случувањата денес (од жолтите елеци до Бегзит, од Навални до Трамп, од Арапска пролет до Шарени револуции) даваат впечаток за епоха идентичена на онаа која им предстоеше на големите промени во XХ век. Овој (неолиберален) систем денес е застарен и изнемоштен, исто како оној систем од пред Првата светска војна.

Кокичињата најавуваат за доаѓањето на ластовиците по неолибералната зима, која полека си оди, чие заминување не дава ништо повеќе од чувство на нормалност. Кокичињата се појавуваат од сите страни – и од лево,и од десно, па и центристички, од секаде. Дури и „зелените“ веќе алармираат дека деструктивниот капитализам ја уништува природата, а корпорациите, како и секогаш, се неактивни. И ним им се потребни промени. 

Просветлени со идеолошката бистрота на сопствената објективност,  од сите страни ја најавуваат својата готова алтернатива за историска промена на системската парадигма. Без разлика на големината во разликите на ваквите видувања и, левите, и, десните, во едно се сложни, доаѓа крајот на неолибералната епоха, се гледа залезот на неолиберализмот.