Сведоштва: „Сме биле Македонци, вели грчкиот закон, а за такви немало враќање”


Фото/Foto: Stephen Francesco Ciufo-Gushev.

Фана Мартинова – Буцкова (1939, с. Поздивишта, Костурско – 6 октомври 2020, Скопје) македонска писателка, автор на голем број дела со родољубива содржина, посветени на Егејот – Беломорска Македонија.

Фана припаѓа на генерацијата децата-бегалци од Беломорска Македонија, прифатени и згрижени во Народна Република Романија. Таму останала до 1955 година, кога се враќа во Народна Република Македонија, поточно во Скопје. Продолжува со средно образование, а потоа завршува и високо, на Филолошкиот факултет.

Во мај 1991 докторира на катедрата по Историја, на тема за културните дејности на Македонците, на македонски јазик, од Егејскиот дел на Македонија, во источно-европските земји. Има објавено 8 книги, за судбината на Македонците во Грција и нивните стремежи и борба за национални права. Како виш архивски работник, од Државниот архив на Република Македонија, била ангажирана во издавачка и истражувачка работа, од кои се објавени повеќе зборници на документи (во најголем дел – документи од архивите во Романија и Србија), поврзани со историското минато на Македонија.

Фана Мартинова Буцкова, заедно со Ристо Шанев е автор на монографијата „Пождивишта“, Скопје, 1988. Научниот труд се сосредоточува на селото Поздивишта (или Пождивишта, Поздивишча; Пождивиште), коешто се наоѓа во Костурската Околија, Беломорска Македонија.

9-годишната Фана Мартинова, заедно со своите соселанки Лена Миљова, Милка Дамовска и Ксантипа Кирова, пролетта 1948 година ќе се качат на селската камбанарија во Поздивишта и ќе ја запеат песната „Збогум мајко, збогум татко, збогум мили роднини, јас одам на далечен крај”, а нивните мајки собрани на сретсело слушале и плачеле.

– Имавме по десетина години, бевме другачки. Најпрвин го обиколивме селото, трчавме по ливадите и, на крајот, се качиме на највисокото место за да го видиме одозгора целото село, раскажува Фана Мартинова-Буцкова, која била едно од триесетината илјади егејски деца кои тие години заминаа во светот и никогаш не се вратија на родните огништа.

Кога се симнале долу, роднините ги гушкале и тешеле. Фана се сеќава дека тогаш нејзината тетка ѝ рекла: „Ќе одите, ама ќе се вратите, ќе заврши оваа проклета војна. Не берете гајле, таму ќе учите”.

– Секаде каде што одевме ни велеа ќе учите и ќе се вратите назад. Навистина, сите учевме и сите завршивме школи, но не се вративме. Ни кога заврши војната, ни по две, ни по десет години, ни по четириесет. Сме биле Македонци, вели грчкиот закон, а за такви немало враќање, раскажува Фана.

Наместо да се вратат дома, Фана, Лена, Милка и Ксантипа по долгите години минати во детските домови во Романија и во Полска, ќе заминат на различни страни во светот. Лена ќе отиде во Торонто, Канада. Ксантипа ќе се омажи за Полјак и ќе остане во Полска. Милка ќе замине кај својот татко во Ташкент, Узбекистан, а Фана ќе си дојде во Македонија. Ќе се сретнат повторно дури во 1988 година во Скопје на Првата средба на децата-бегалци.

Фана заедно со 166 други деца од Поздивишта и со девет „мајки” тргнала пролетта во 1948 година. Со неа биле нејзините двајца браќа – Васил, кој имал 15 години, и Ташко (12). Вечерта пред заминување целото семејство Мартинови седнало за последен пат на прошталната софра и чекало ноќта, еден час по полноќ, клисарот да ја удри камбаната и да го означи нивното заминување.

– Во семејството бевме деветмина. Три деца заминавме, а дома останаа дедо ми и баба ми, мајка ми и татко ми и двете сестри. Сите беа мобилизирани, дури и постарата сестра Кираца, иако беше леунка со мало бебе. Беше во групата која плетеше џемпери и чорапи за партизаните. Другата сестра имаше 17 години. Со другите жени пренесуваа оружје од преспанските села до Грамос и до Вичо каде што се водеа борбите. Тоа беше многу опасна работа. Сите девојки бомбите ги носеа опашани околу половината, патроните преку рамената и така со натоварени маски, коњи и магариња со оружје и муниција заминуваа по опасните планински патеки. Ако наидеа на некаква заседа, не им бегаше смртта. Мајка ми ми раскажуваше дека граната им паднала во казанот додека готвеле манџа за партизаните. За среќа, кога ги забележале авионите, се скриле подалеку од казаните, па никој не загинал. И дедо Трпо, иако стар, се вклучи во војната. А ќе пукнеше пушка за Македонија, ќе тргнеше да се бори. Од Америка се врати за Илинденското востание. Неговата парола беше автономна Македонија. Им го даде целото стадо овци на партизаните, раскажува Фана.


Кратка животна сторија на Баба Фана на фејсбук страницата “Егејскиот дел на Македонија – Aegean part of Macedonia

Прекопанската пита на баба Фана, Фани… СЕЌАВАЊЕ… 🖤💔 Prekopanskata pita na baba Fana, Fani… SEKJAVANJE……

Posted by Егејскиот дел на Македонија – Aegean part of Macedonia on Thursday, February 18, 2021