Левица Чаир: Милионскиот донатор на ДУИ е изведувач на градинката Бамби која две години доцни со изградба и пуштање во употреба
- Реакција Левица-Чаир
Фирмата за градежни работи Еуровиа, во сопственост на Елмедин Адеми, е инвеститор на детската градинка Бамби Фидани III која веќе две години ги надминува роковите за завршување на градежните активности и пуштање во употреба на овој објект. Според таблата пред градинката, почетокот на активностите е во август 2020 а таа требала да биде завршена уште во октомври 2022 година. Меѓутоа таа сѐ уште не е пуштена во употреба па делува дека се чека ова да се направи непосредно пред локални избори – во рамките на предизборната кампања.
Милионскиот тендерџија Елмедин Адеми – сопственик на Еуровиа ДООЕЛ Желино – меѓу другото е добитник на тендер од 1,8 милиони евра од Министерството за надворешни работи за адаптација на СЦ Борис Трајковски за потребите на конференцијата на ОБСЕ. Понатаму, Еуровиа се јавува како изведувач на многу градежни проекти меѓу кои и изградбата на новата полициската станица во Аеродром.
Покрај милионските тендери кои ги добива оваа градежна фирма, Елмедин Адеми се јавува и како донатор на ДУИ со близу 41 илјада евра, што ги надминува законските рамки на донации од поединец. Освен индивидуалните донации, неговата фирма Еуровиа исто така придонесува на ДУИ со речиси 30 илјади евра. Неговиот бизнис-партнер Елдин Адеми е шеф на огранокот на ДУИ во Јагуновце. Додека пак неговиот братучед е покојниот Абдилаќим Адеми од редовите на ДУИ – поранешен министер и вицепремиер за спроведување на Рамковниот договор.
Покрај очигледната поврзаност на фамилијата Адеми со ДУИ, сепак екс-министерот за надворешни работи Бујар Османи тврди дека не знае оти Еуровиа е милионски донатор на ДУИ, а според него фирмата ги добила тендерите затоа што имала “најефтина понуда”.