Левица: ВМРО-ДПМНЕ ја поздрави позицијата на ЕПП со која се деградира македонскиот народ за сметка на европската интеграција

Бирократската машинерија на Европската Унија, составена од бројни субјекти со моќ за влијание на одлуките кои се донесуваат на различните нивоа, постепено станува едногласна во поддршката на шовинистичките бугарски барања. Децениската поддршка на Република Македонија за нејзина целосна интеграција во ЕУ од западните партнери денес е разоткриена лага.

По усвојувањето на извештајот од страна на Европскиот парламент за напредокот на Македонија и прифаќањето на контроверзните бугарски амандмани, секому е јасно дека проблемот со Грција претставуван како пречка за отпочнување на преговорите бил само обична фарса.

Откако претходно беа прифатени грчките, а денес и со прифаќањето на бугарските барања, ЕУ е постојан и директен учесник во процесот на уништување на македонскиот идентитет, кој лицемерно се крие зад барањата на трети држави, претставувани како услов за напредок во интеграцијата.

По европскиот парламент, Конгресот на Европската народна партија, чиј член е ВМРО-ДПМНЕ, во Ротердам усвои Резолуција со која застана зад позициите на Софија.

Во усвоената резолуција која беше пофалена од страна на ВМРО-ДПМНЕ, а оценета како објективна од страна на нивниот потпретседател Муцунски од Македонија се бараат:


– „мерки за почитување на правата на Бугарите“, дел од Резолуцијата во кој се алудира на внесување на Бугарите како конститутивен народ во Уставот на државата и

– „Македонија да се помири со сопственото минато“, дел од Резолуцијата во кој се алудира на спроведување на историскиот ревизионизам, преку кој се ревидира бугарското фашистичко минато и нивната окупација врз Македонија,прифаќајќи ја бугарската приказна за македонската историја.

Однесувањето на ВМРО-ДПМНЕ кон оваа Резолуција, практично покажува прифаќање на квислиншкиот курс на надворешна политика, демонстриран изминативе години откако СДСМ и ДУИ се на власт и дава јасни сигнали на спремност оваа партија да ги прифати бугарските барања од позиција на власт или биде кооперативна за нивно спроведување од позиција на опозиција.

Заради ова, во ситуација кога речиси ниту еден политички фактор не ги застапува интересите на македонскиот народ и држава, Левица уште еднаш повикува на прекин на преговорите со Бугарија и неотпочнување на било какви билатерални односи, како со источниот сосед така и со ЕУ, се додека не се спроведат парламентарни избори и не биде усвоена национална стратегија за надворешна политика.