Левица: Се шверцуваат ДУП-ови во општина Кочани со кршење на деловникот во Советот

Левица предупредува за шверцување ДУП-ови во општина Кочани со кршење на деловникот во Советот.

Иако Законот за локална самоуправа, Статутот на општина Кочани и Деловникот на општина Кочани имаат утврдено прецизни рокови за закажување седници на советот, при што рокот за закажување е најмалку 7 дена пред одржување на седницата (чл. 39, став 4 од Закон за локална самоуправа), денес, на 14.02.2024 година, е закажана седница која што треба да се одржи на 17.02. 2024 година (сабота), односно во рокови кои се соодветни на итна седница.

Седницата е закажана како редовна, бидејќи ниту „креативната“ општинска администрација не би успеала да смисли образложение за итност, а со рокови за итна и со само три точки на дневен ред:

1. Предлог – одлука за донесување на Детален урбанистички план за Градска четврт 5 од ГУП за Град Кочани Општина Кочани

2. Предлог – одлука за донесување на Детален урбанистички план за Градска четврт 14 од ГУП за Град Кочани Општина Кочани

3. Предлог – одлука за донесување на Детален урбанистички план за Градска четврт 6 од ГУП за Град Кочани Општина Кочани

Кон дневниот ред ниту не се приложени урбанистичките планови по кои ќе гласа партиската машинерија на ДПМНЕ- СДСМ. Целта е да се прошверцуваат деталните урбанистички планови кои го засегаат централното градско подрачје кое пак е предмет на грабеж од страна на господарите во чиј јарем се впрегнати ДПМНЕ-СДСМ. При тоа, поради тоа што споменатите планови драстично отстапуваат од тоа што е јавен интерес и правила за урбанистичко планирање, повеќепати се враќани со забелешки од страна на Министерството за транспорт, врски и просторно планирање, а ниту сега не е потврдено дека се одобрени. Дури и министерството кое се нема прославено со етичност и законитост при работењето не дава согласност на овие планови чие донесување ќе предизвика уште поголем хаос во сообраќајот и дехуманизација на урбаниот простор!

Левица најостро е против ваквите урбанистички планови чие донесување сериозно ќе го наруши квалитетот на живеење на сите граѓани на општина Кочани! Ќе ги преземеме сите чекори за да го спречиме шверцерското владеење на несовесната власт, објави партијата на Фејсбук.