Мојсоска: ДПМНЕ не пропушта да каже дека не се против Бугарите во Устав

Во статус на социјалните мрежи, Генералниот секретар на Левица – Јована Мојсоска констатираше дека во сите изјави на политичарите од ВМРО-ДПМНЕ може да се слушне дека партијата не е против внесувањето на Бугарите во устав, туку тие бараат само поинакви услови.

Последниве месец дена речиси да нема интервју, во кое пратеник на ДПМНЕ не пропушта да повтори дека “тие не биле против бугарите во Уставот, туку дека не биле за бугари во Уставот под овие УСЛОВИ”?!

Мојсоска смета дека во ВМРО-ДПМНЕ има силно бугарофилско крило кое ровари во партијата и додаде дека тоа е дополнителна причина за ваквите ставови на нивната партија која е предводена од слабо лидерство.

За какви подобри услови фантазираат од оваа самопрогласена патриотска партија – кога Бугарија не ги сменала своите шовинистички политики од времето на Тодор Живков? Мене јасно ми е дека бугарофилското крило силно ровари во оваа партија, ама барем не го манипулирајте овој напатен народ дека внесувањето на бугари во Уставот под “други услови” не е ПОГУБНО.

На крај Генералниот секретар додаде дека овој процес е почеток на реализацијата на Санстефанска бугарија а ќе продолжи со нови законски обврски кон малцинствата во државата која дополнително ќе го оптовари и онака тешко-функционалниот систем.

Македонскиот устав е етнички устав и генерира низа законски обврски на државата кон малцинствата – што во случајот со шовинистичка Софија само полека, но сигурно, ќе почне да се реализира пропагандата за Санстефанска бугарија, институционално поддржана на македонска територија!