Палестинскиот претседател Аббас изјави дека сите договори со САД и Израел се неважечки заради планот за анексија

Палестинскиот претседател Махмуд Аббас во вторникот изјави дека палестинската власт се смета за ослободена од сите договори со Израел и САД – вклучувајќи ги и безбедносните – поради израелскиот план за анексија. Овој потег на претседателот Аббас се толкува како настојување преку закана да ја натера другата страна да биде испочитувано тоа што е договорено претходно, иако останува да се види дали и како ќе се спроведе неговата изјава.

Организацијата за ослободување на Палестина и државата Палестина од денес ги укинуваат сите спогодби и договори со американската и израелската влада и сите обврски базирани на овие спогодби и договори, вклучително и безбедносните.

Оваа изјава на претседателот Аббас произлезе од говорот на итниот состанок на палестинското раководство, каде беше разговарано за плановите на новата изралеска влада за анексирање на деловите од Западниот брег. Тој истакна дека Израел, како окупаторска сила, сега треба да превземе одговорност за Западниот брег и додаде дека израелскиот план за продолжување кон анексирање на територии е еднострано укинување на договорите од Осло, потпишани 1990 година. 

Палестинскиот претседател ја обвини администрацијата на Трамп дека е одговорна за кризата и дека е “соучесник во израелската окупација’’. Toj ги повика сите држави кои се против анексијата и мировниот план на Трамп да ја признаат Палестина како држава. На сето ова, претходеше говор на министерот Бенјамин Нетанјаху во неделата, каде тој најави дека „сега е моментот за Израел да ги анексира деловите на Западниот Брег”. Дополнително, израелскиот амбасадор во САД, Рон Дермер, активно лобираше изминатиов период кај администрацијата на Трамп, со цел да изнуди дозвола од американската власт за анексија, пред најавените избори во ноември во САД.