Интервју со Емил Ниами по повод промоција на книгата „Вовед во славистиката“

  • Интервју со Емил Ниами – македонски лингвист и славист, Доктор на науки по Филологија, по повод промоција на неговата нова книга „Вовед во славистиката“, која ќе биде промовирана на 25 јануари (четврток), со почеток од 19 часот во Културно информативен центар – Скопје во Салон Империјал 2. 

Антропол: Кој е Емил, со што се занимава и колку дела досега има напишано?

Емил Ниами: Емил Ниами е славист од Скопје. Во 1995 година се запишав на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ од Скопје и по четири години дипломирав на групите за Руски јазик и книжевност и на Американски студии. Веќе на втората година од студирањето сфатив дека сакам да се занимавам со лингвистика, а главен „виновник“ за тоа беше мојата професорка Нина Чундева. По завршувањето се запишав на постдипломски студии и го одбранив магистерскиот труд „Паронимите во македонскиот и во рускиот јазик“, а неколку години подоцна, во 2010 година и докторската дисертација „Антонимите во рускиот во споредба со македонскиот јазик“. Во моментов работам како секретар на Рускиот центар при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, што би се рекло дека сум административец, а надвор од работното време се занимава со лингвистиката. Главно ме интересираат теми од областа на лексикографијата, лексикологијата, традуктологијата и на социолингвистиката. Од големиот број научни трудови би ги издвоил лекикографските, односно Речникот на паронимите во македонскиот јазик, Речникот на антонимите во македонскиот јазик и Речникот на хомонимите во македонскиот јазик – сите три издадени за првпат во нашата земја. Последен лекикографски труд на којшто сѐ уште работам е Речникот на медиумската писменост каде што сум главен редактор и еден од авторите.

Антропол: „Вовед во славистиката“ е прв испечатен труд од тоа академско подрачје на словенската филологија. Што ве инспирираше да започнете со пишување? Дали ова дело го гледате како дел од академската литература во иднина?

Емил Ниами: Идејата за една ваква книга е одамна. Додека студиравме не постоеше апсолутно никаков прирачник на македонски јазик на оваа тема. Истовремено, многу пати ми се случило моите соговорници да не знаат речиси основни работи за Словените и за словенските јазици, па сум се обидувал да објаснам. Затоа решив дека е потребно да се напише една мала книшка посветена на славистиката. Со оглед на тоа што досега никој пред мене нема пишувано на оваа тема, решив книгата да биде помалку стручна, а повеќе отворена кон пошироката публика. Знам дека некои колеги ќе реагираат на нејзината општост, но сето тоа го направив намерно, зашто сметам дека ваква книга им е потребна на сите, така што не навлегував длабоко во детали за словенските јазици.

Антропол: Колку деталите изнесени во книгата се важни за современоста?

Емил Ниами: Она што е важно за современоста во оваа книга е што во неа е посветен по еден текст за апсолутно секој словенски јазик. Знаете, во науката сѐ уште се спори за тоа дали некои јазици се самостојни или, пак, се дијалект или говор на некој друг, но јас тргнав од меѓународните стандарди, така што секој јазик којшто поседува свој ИСО-код е застапен како одделен. Исто така за секој словенски јазик којшто се користи во писмена, односно во печатена форма, дадов и преглед на тастатурата којашто се користи, со оглед на тоа што за многумина ова претставува проблем. Потоа за секој словенски јазик накусо се опишува неговата историја, односно се даваат основните податоци за неговиот настанок и развој.

Антропол: Кажете ни нешто повеќе за настанот…

Емил Ниами: Веќе 7-8 години по ред Книгоиздателството Ми-Ан за своите изданија, особено научните, организира промоции. Така е и со оваа книга. Целта на организирањето на ваквите настани е книгите да ѝ се приопштат на пошироката публика, односно јавноста да добие информација за нив. Многу ми е драго што на промоцијата за „Вовед во славистиката“ ќе зборуваат мојата менторка проф. д-р Красимира Илиевска, една од малкуте славистки од Македонија, како и проф. д-р Димитар Пандев кој на јавноста, а особено на неговите студенти и колеги, им е познат по својата страст кон јазиците, особено кон словенските, а модератор ќе биде проф. д-р Мишел Павловски којшто е главниот „виновник“ за постоењето на едицијата „(С)Мисла“ во рамките на која излезе оваа книга.

Антропол: Што очекувате од настанот?

Емил Ниами: Искрено, од настанот очекувам само една работа – луѓето да се заинтересираат за оваа книга, за оваа едиција. Како што веќе реков, ја пишував книгата на многу разбирлив јазик, со интересни податоци, без нешта кои би ја „заморувале“ пошироката публика, а сето тоа со цел да им ја приближам на сите луѓе славистиката. Како што е напишано и во самиот предговор, оваа книга е првиот дел од неколкуте на оваа тема, токму затоа е и насловена како Вовед. Во следните неколку книги посветени на словенските јазици, литератури и култури ќе се насочам кон подлабока историска експликација, кон граматиките на словенските јазици, нивните литератури, но и културата, традициите и обичаите низ историјата.