Комбинат со 800 вработени и капацитет за придонес над 4% од државното БДП не смее да се распродаде како старо железо!

  • Интервју со Круме Богевски – Советник од Левица во Општина Кавадарци

Антропол: “Еуроникел Индустри” во 2021 година беше претставена како единствена, успешно спроведена реорганизација која успеа за кратко време да се зацврсти како голема, брзодвижечка и меѓународна компанија. Што придонесе за поинаков развој на настаните?

Богевски: Криминал. Историјата на ФЕНИ како еден од најголемите индустриски комбинати во регионот се повторува од приватизацијата до денес. Нема дискусија дека ФЕНИ е “златната кокошка“ на сите инвеститори, му носи огромни профити на секој газда кој до сега ја откупил фабриката, се до моментот кога од тие профити треба да почнат да трошат за бенефитите на вработените. На секои 5-6 години се повторува истиот шаблон. Инвеститорот ја задолжува фабриката, зема кредити, фабриката запира со работа, вработените се во неизвесност, платите им прекинуваат и единствената егзистенција за нивните семејства и фабриката чекаат да дојде нов сомнителен инвеститор, регистриран на егзотични острови.

Антропол: Што ги прави вработените “колатерална штета” во сите овие сценарија?

Богевски: Системот не ги штити вработените. До сега не споменав последица по никој газда кој испумпал милиони евра од фабриката. Знаете зошто? Затоа што немало последици по ниту еден од газдите! Единствените кои страдаат се вработените поради тоа што во државава нема системски механизам кој ќе застане позади нив, особено во вакви индустриски капацитети кои се дел од националната инфраструктура. Пред шест години, тогашниот сопственик Кунико ја напушти фабриката и од неа испумпа 50 милиони долари преку повеќе кредити каде заложувале дел од фабриката! Освен систем кој ги штити вработените, ни недостасува и систем кој ќе ги санкционира газдите кои ги пљачкаат вработените.

Антропол: Кои се барањата на вработените во моментов и што е иднината за нив?

Богевски: Никој не комуницира со вработените и тие се осудени на неизвесност во овој момент! Не знаат што ги чека утре, а што задутре. Замислете, не им беше ниту кажано дека ќе бидат одјавени од ФЗОМ, дознаа од системот дека немаат здравствено осигурување. Огромен дел од нив имаат и професионални заболувања или пак се хронично болни кои имаат потреба од континуирана терапија и мониторинг. Професионалните заболувања  кои ги добиле за профитите на газдите во фабрикава не можат да ги лекуваат поради нечовечкиот однос и бескрупулозното оставање на улица од истите тие газди!

Вработените со право си ги бараат платите и придонесите од септември до денес, продолжување на работен однос под одговорно управување со комбинатот, а не нов сомнителен инвестициски фонд регистриран на даночни рајски острови кој за неколку години пак ќе ги остави на улица!

Имајте на ум дека овие вработени не можат лесно да си најдат нова работа. Станува збор за специјалност која не е применлива било каде, а повеќето од нив целата кариера ја поминале во овој индустриски капацитет. Да, во овој момент работниците се снаоѓаат како знаат и умеат, но најмалку што заслужуваат е да си го добијат работното место назад.

Антропол: Работата со специфична индустрија на глобален пазар бара примена на високи еколошки стандарди. Какво е искуството со “Еуроникел индустри”, во која мера сметате дека досега се исполнети обврските за ваквите стандарди и регулативи? – Дали постоела еколошка свест?

Богевски: Дискутабилно било секогаш прашањето „Дали, колку и како ФЕНИ загадува?“ Не залудно во континуитет експоненцијално се зголемува бројот на граѓани со малигни заболувања во Кавадарци. Одговорот лежи во совесноста на менаџментот на фабриката. Со оригиналната технологија, ФЕНИ е предвидено да работи на електрична енергија, но пред една деценија е забележано дека почнуваат со употреба на токсичен отпад во производствениот процес како што се отпадни гуми увезени од Европа, текстилен отпад и така натаму. Оттука потекнува загриженоста кај граѓаните, а и последиците по нивното здравје. Загадувањето со прашина за време на транспортот на рудата, а натаму и одлагањето на јаловината по екстракциониот процес е дополнително опасно по животната средина само поради недоволната контрола од надлежните инспекторати во државава!

Ако паметите Левица е единствен политички субјект во државава кој реагираше за аферата за увоз на токсичното, канцерогено масло во Македонија, во која што се замешани „Хифа Оил“ од Босна и Херцеговина, тогашниот вицепремиер за Економски прашања во владата на СДСМ, Кочо Анѓушев и „Евротим ГДС“. Тоа докажува дека бизнис релациите биле ставени над здравјето на народот во тиквешкиот регион! Во репортажата на ИРЛ беа откриени докази за потрошувачка на 2.500 тони прегорено масло како гориво во фабриката „Фени Индустри” во Кавадарци, од 2018 година наваму!

Внимавајте: оние кои ја изградиле фабрикава во “мрачниот комунизам“ ниту предвиделе горење на отпадни гуми, ниту горење на прегорено минерално масло во производствениот процес на комбинатот. Веројатно поради тоа што тогаш имало контрола што се влегува во државата, се внимавало на здравјето на сограѓаните и најважно: луѓето биле воспитани во солидарна, совесна и народна средина!

Антропол: Дали национализацијата на ФЕНИ целосно ќе го реши проблемот со вработените?

Богевски: Да. Државата нема избор кога станува збор за нејзините граѓани и за разлика од сомнителните инвеститори никогаш не смее да ги остави вработените на улица!

Дали е премногу храбра идејата да се инвестира во национализација на ФЕНИ? Па за актуелната власт која нема храброст да изгласа ниту еден закон без да се консултира со амбасадите и купување сендвич е премногу храбра одлука, а најмалку инвестиција во еден индустриски комбинат за кој има подготвени човечки ресурси кои животот го имаат дадено за фабриката!

За оние кои велат дека државата нема пари за да го откупи ФЕНИ, ќе ги потсетам дека државава во буџетот за 2024 година, обезбеди 20 милиони евра за поддршка на избрани невладини организации по наредба на амбасади!

За оние кои велат дека цената на никелот и фероникелот на берзата е неповолна, ќе ги потсетам дека секогаш е можна адаптација и оптимизација на производствениот процес и технологија, доколку постои расположение кај менаџментот, особено доколку државата го национализира комбинатот! Едно е сигурно: своевремено најголемиот извозник од државата, кој има капацитет да придонесува над 4% од државното БДП, комбинат од кој зависат илјадници други правни субјекти, 800 вработени и нивните семејства, не смее да згасне со распродажба на имотот како старо железо!