Задолжителни калориметри наместо бесплатни приклучоци

Дур граѓаните се трудат да изнајдат решение на проблемот со загадувањето на воздуот низ повеќето градови низ Македонија, Владата останува глува на нивните предлог мерки кои беа искажани на протестот против загадувањето. Наместо зголемување на достапноста на парно греењето преку овозможување на бесплатни приклучоци и намалување на цената на услугата, за да се намали на бројот на семејства кои се греат на дрва и отпаден материјал, новиот предлог Закон за енергетика предвидува задолжително поставување на калориметри од страна на корисниците на парно греењето, што во пракса се покажа како мерка која што ја зголемува цената на самата услуга.

Доколку законот се спроведе, корисниците на парно греење ќе мораат драстично помалку да ги загреваат становите, доколку сакаат да не им се накачи цената, а дополнително, трошокот за поставување на овој инструмент би изнесувал околу 300 евра. Овој трошок за поставување на калориметарот сè уште не се знае кој ќе треба да го подмири, но доколку товарот падне на самите потрошувачи, голема е веројатноста посиромашните од нив да не можат да си дозволат да продолжат да се греат на ваков начин.

„Да се намали со поевтини енергенси, да се намали со изолација. Значи цел свет оди во тој правец, не можеме ние да одиме дивергентно. Како сега, ние што да речеме? Трошете енергија, нема проблем, не треба да мислите на изолација на куќите, не треба на ништо да мислите, само евтина енергија трошете“, вели вице премиерот Кочо Анѓушев за мерката. Тој како да мисли дека се загадува од глупавост, а не од сиромаштија.

Економското стимулирање на граѓаните да ја намалат потрошувачката на енергија која води до најеколошко загревање на домовите во зимските периоди само ќе го зголеми нивото на загадување на воздухот. Луѓето кои не користат парно греење и кои досега не можеа да си го дозволат, сега уште повеќе нема да можат да си го дозволат, а оние кои едвај си го дозволуваат и кои најверојатно ќе го откажат, дополнително ќе придонесат кон високото ниво на загадување. Во држава со толку високо ниво на загадување е зачудувачки зошто мерките за негово спречување се одложуваат, а е апсурдно да се предлагаат мерки кои истото само ќе го зголемат.

А, доколку греењето на дрва и отпадни материјали е сериозен причинител на загадувањето, тогаш можеме уште сега да се подготвиме за сериозно рушење на рекордите кои веќе ги поставивме за најзагаден град во светот!