Промоција на книгата „Вовед во славистиката“ од Емил Ниами во КИЦ

На 25 јануари 2024 (четврток), со почеток од 19 часот во Културно информативен центар – Скопје, Салон Империјал 2 ќе се одржи промоција на книгата „Вовед во славистиката“ од Емил Ниами.

Книгата „Вовед во славистиката“ е прва ваква книга во нашата во земја, а која се занимава главно со историјата на словенските јазици. Во неа е даден кус историски осврт на славистиката како наука, по што се дава и куса историја на Словените. Фокусот на книгата е ставен на описот на сите словенски јазици, како на живите, така и на мртвите, и тоа е направено на еден современ начин со многу полезни детали кои се важни во современоста. Во книгата, исто така, има и дел којшто се занимава со обидите за создавање на сесловенски јазик од минатото до денешен ден. Со оглед на тоа што ова е прв ваков труд на македонски јазик, оваа книга може да биде од корист на широка читателска публика – на сите оние што се заинтересирани за словенските јазици, филолози, слависти, како и културолози, етнолози, историчари и слично, но и ученици, студенти слависти итн.

Емил Ниами, доктор на филолошки науки (Скопје, 1977). Во 1999 година дипломирал на групите за руски јазик и книжевност и на американски студии на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Во 2007 година го одбранил магистерскиот труд „Паронимите во македонскиот и во рускиот јазик“, а во 2010 година докторската дисертација „Антонимите во рускиот и во македонскиот јазик“. До 2007 година работел во А1 Телевизија на различни позиции. Од 2007 до 2011 година предавал македонски јазик на МДУ „М.В. Ломоносов“. Автор е на првиот „Речник на паронимите во македонскиот јазик” (2020), првиот „Речник на антонимите во македонскиот јазик” (2021) и на првиот „Речник на хомонимите во македонскиот јазик (2022), а исто така е и автор и главен редактор на првиот „Речник на медиумската писменост. Се занимава со теми од областа на лексикографијата, лексикологијата, социолингвистиката и традуктологијата.

Промотори проф. д-р Димитар Пандев и проф.д-р Красимира Илиевска, модератор проф д-р Мишел Павловски.

Настанот е дел од културната понуда на Град Скопје Европска престолнина на културата 2028.