Украдените слики од Пикасо и Шагал пронајдени по 14 години во Белгија

Белгиската полиција пронашла слики од Пабло Пикасо и Марк Шагал, украдени пред 14 години во Тел Авив, во подрум на куќа во Антверпен, соопштија денеска локалните власти.

Официјални лица изјавија дека сликите „Tête“ на Пикасо и „L’homme en prière“ на Шагал, чија вредност се проценува на околу 900.000 долари, се во добра состојба.
Сликите беа украдени од колекционер на уметнички дела во Тел Авив во 2010 година.

Притоа бил украден и накит вреден 680.000 долари, но биле пронајдени само сликите.

Локалната полиција покрена истрага кога доби дојава дека белгиски државјанин ги нуди двете парчиња на продажба. Обвинителството соопшти дека главниот осомничен е уапсен.