Левица: Николовски ги игнорира проблемите на Тутунарите

  • Реакција на Политичката партија Левица

Немањето на договор за откупната цена на тутунот доведе до намален откуп и големи проблеми за земјоделците. Проценките говорат дека количината на тутун од оваа реколта ќе биде околу 14 милиони килограми на ниво на цела Македонија. Досега се откупени околу 5 милиони килограми од страна на сите откупни претпријатија или околу 30% проценти од вкупната количина. Со вакво темпо на откуп, тутунските претпријатија НЕМА да ги испочитуваат своите договори со нарачателите при што ќе се доведе во прашање идното производство на тутун во државата.

Дополнително, присутни се малверзации на откупните пунктови на тутун. Извори за Левица велат дека на вага не се одбива измерената тежина од 2,1 кг на кутија во која се пакува тутунот, туку 1,5 кг – разлика во тежина која подлежи на субвенции и со ова се ОШТЕТУВА буџетот на државата.

Исто така, не се одбива процент на влага и песок кој кај долните инсерции изнесува 3%, а кај горните е 1%. Односно, на 100 kg. откупен тутун, треба да се одбие по 3 kg. песок и влага и да се исплати 94 kg. тутун. Оваа малверзација не значи ништо за откупувачите да исплатат дополнителни 6 kg. тутун, но проблем е штетата која се прави на државниот буџет при исплатата на субвенциите.

Левица и претходно апелираше да се зголеми цената за откупот на тутунот спрема пресметките на стручната фела за реално направените трошоци за производство, да им се надомести разликата на откупната цена на тие кои веќе го предале тутунот, точно да се проценуваат класите, и на крај – да се заштити државниот буџет од секакви маловерзации со измерената количина на вага.

За сето ова е виновна Владата и министерот Николовски, кои наместо да го решат откупот со тутунот, целосно се незаинтересирани за проблемите со кои се соочуваат илјадници земјоделски семејства.