Промоција на книгата „Патот на водата“ од Гордана Каракашевска во Градската библиотека во Скопје

Вечерва 12.12.2023 година , со почеток од 19 часот во во спомен-собата “Т’га за југ” во Градската библиотека во Скопје, ќе биде промовирана книгата „Патот на водата“ од Гордана Каракашевска, издание на „Современост“ .

За стихозбирката ќе говори Вања Таневски, а стихови ќе чита Катерина Гогова.
“Патот на водата“ е стихозбирка посветена на водата како симбол на прапочетокот, на животот и на универзумот, а мотивски лоцирана на бреговите на Охридското Езеро и Црн Дрим.
-Оваа поезија, самобитна и зачудувачка, со посебен култ кон водата, е плод на еден интимен допир со природата, на едно, речиси анимистичко и пантеистичко поимање, па оттука и елементот на водата ќе биде доминантна компонента во неа, ќе запише рецензентот Вања Таневски.


Гордана Каракашевска е родена во 1973 година во Пехчево, каде што го завршува и основното образование, а подоцна образованието го продолжила во Скопје. Неколку години живеела и работела во Торино, Италија што остава длабока трага врз нејзината креативност. Пишува песни и раскази на македонски, италијански, српски и англиски јазик. Авторка е на поетските книги: „Скршен поет и други поеми“ (2021), „Куќа од хартија“ (2022), збирката раскази „Сињор Џордано и размислувањата за сомневањата, дилемите и прашањата за некои други, ситни зрнца“ (раскази 2021) и на романот „Разголување во година на козата“ (2021). Добитник е на неколку награди и признанија и застапена е во повеќе интернационални поетски зборики.
Каракашевска учествувала на бројни фестивали и поетски читања, а имала и неколку самостојни и групни изложби во Италија. Во март 2013 во МКЦ ја имаше и својата прва изложба на црно-бели фотографии.
Промоцијата на книгата „Патот на водата“ е дел од богатата културна програма на Град Скопје – европска престолнина на културата за 2028 година.