Unplugged Series 004:акустичен концерт на Дина Јашари во КИЦ

Во четврток 14.12.2023 во Културно информативниот центар – Скопје, Салон 19:19 со почеток од 20 часот ќе се одржи Unplugged Series 004:Како дома – акустичен концерт на Дина Јашари.

Дина Јашари е кантавторка и продуцентка од Македонија, артист кој полека но сигурно ги освојува срцата на балканската публика. Дина го излева целото свое битие и искуства во нејзиното пишување песни, без напор движејќи се низ поп и нео-соул музиката. Сонливи хармонии, емотивни текстови, модерни и свежи битови, се елементите кои се истакнуваат во нејзината музика. Во 2022 година, музиката на Дина беше наградена со наградата „Милан Младеновиќ“, добивајќи пофалби од реномираните музички умови од регионот.

Дина Јашари досега има издадено 5 синглови, ЕП-то „Дома“ и соработка со познатиот светски музички уметник и композитор Дуке Бојаџиев насловена „Убав ден“. Дина создава од простор на автентична разиграност, потпирајќи ги своите вештини за пишување и изведување од студиите за џез што ги следи на Факултетот за музичка уметност во Скопје. Драги Иванов, дипломиран на музичкиот колеџ Беркли, придонесува за звучните пејзажи на Дина како нејзин копродуцент. Моментално работат на нов материјал – со цел да се поврзат со уметници од соседните земји.

Влезот на настанот е слободен.

Настанот е дел од културна понуда на Град Скопје Европска престолнина на културата 2028