„Поглед кон недоглед“ – изложба на Марјан Стојаноски во Струга

Во Центарот за култура „Браќа Миладиновци“ во Струга денес ќе биде отворена изложбата „Поглед кон недоглед“ на Марјан Стојаноски.

Во проектот „Поглед кон недоглед“, авторот ги прикажува најновите остварувања, каде неговиот творечки интерес во континуитет се движи меѓу две литерарно-уметнички теми на инспирација – актуелизирањето на Mythos во современата уметност како желба на модерната епоха да ја има во своите карактеристики, и пројавувањето на Logos-от во креативните интерпретации.

Претходниот опус „Феникс“, неизбежно се влева и во поновиот циклус „Поглед кон недоглед “ при што е внесен и онтолошкиот, и историскиот момент при градењето на најновиот циклус. Наративните модели на митското раскажување со филозофската мисловна логика преку процеси на деконструкција и реконструкција, се доведени во врска, природно спакувана во поетиката на авторот, кој неретко создава синестезички односи меѓу визуелните впечатоци на различните материјали во просторот. Како нова слика од неочекувани ревизии и оригинални уметникови конструкти, кои секако имаат свое незаменливо место во широката зафатнина од уметничкото светско наследство, стои во информацијата за изложбата.

Мешовитите дела од, како што е наведено, овие билатерални циклуси отвораат нови појдовни хоризонти, кои заради поголема прегледност и заради нивната естетско- семантичка експресија на изразот што го носат, би ги поделиле во три скулптурни збирови.

Марјан Стојаноски е роден во Прилеп во 1983 година. Средно образование завршил во уметничкото училиште „Лазар Личеноски“ во Скопје, а дипломирал на Факултетот за ликовна уметност во Скопје. Реализирал повеќе самостојни и групни изложби.