„Страв од непознатото“ – изложба на Христина Марковска во Гостивар
„Страв од непознатото“ е наслов на самостојната изложба на уметницата Христина Марковска, поставка што ќе биде отворена на 24 ноември (петок) , во Домот на културата АСНОМ во Гостивар. Пред посетителите, авторката ќе се претстави со инсталација во простор и видеопроекција.
„Уметноста претставува креативна интерпретација на творечкиот мисловен процес – форми и слики што ја откриваат својата суштина и цел. Притоа го открива нашето личносно јас, никулецот на мислата што проникнува во идеја, процес од кој се создава самата таа“, вели Марковска.
За изложбата, пак, Маја Чанкулоска, историчар на уметност, ќе каже дека симболизмот може да се издвои како круцијален елемент во најновиот проект на Христина Марковска насловен „Страв од непознатото“, без оглед дали е директен – преку реално претставени референтни модели или, пак, асоцијативен, минимизиран и суптилно редуциран.
„Самиот проект е замислен како интегрално уметничко дело во кое доминираат дуализмите како процес на уметничко градење на една целост. Во конкретниот пример, целината на контрасти го симболизира човековото созревање преку совладување на сите дуализми. Онтолошки земено, процесот на надминување на ограничувањето на стравот од непознатото кај една индивидуа е претставен преку сета асоцијативност на апстрактните геометриски форми, бои, материјал, структура (претставени преку 45 панели), симболизирајќи го односот или борбата на сите контрадикторности, лични анксиозности и општествени борби во реалноста на неизвесното секојдневие на современиот свет, кој, пак, технички се базира врз конфронтацијата или прифаќањето на дуализмите (1-0)“.
Таа посочува дека, од друга страна, изложбата покажува дека, психолошки земено, стравовите од најраната возраст не постојат, тие се стекнуваат и создаваат преку реално влијание врз личноста, претставена преку чистата детска фигура во сета нејзина фигурална конкретност, надополнета со реди мејд елемент (светилка).
„Следствено на ваквата позиционираност на елементите и контрадикторно на самиот наслов, овој сегмент во делото на Христина Марковска не е продолжение на протагорината филозофија во која „човекот е мерило на сè“, туку е архетип на Диогеновата потрага по човекот, носејќи ја со/во себе сета симболика на божествената светлина („пламен на светот“ кој го симболизира Божјото присуство) во секој од нас, како и крајно хуманистичката порака за личен стремеж кон вистината, добрината, разумот, напредокот…“, посочува Чанкуловска.
Во однос на инспирацијата за изложбата, пак, авторката вели дека во овој мултимедијален проект има доста теолошки содржини, претставени преку лавиринт и скулптурална форма, а дел од мултимедијалниот проект е фигурација на архертип на ангелот Михаил.
Инаку, Христина Маркоска дипломирала на Факултетот за ликовни уметности ФЛУ, Скопје, на насоката Вајарство, во класата на проф. Жарко Башески. Магистрирала во 2013 г., на насоката Вајарство, под менторство на проф. Гоце Наневски. Студент е на Медицинскиот факултет – УКИМ Скопје и на Богословскиот факултет „Свети Климент Охридски”, УКИМ, Скопје. Работно искуство остварува како професор по ликовна уметност, а има учествувано и на бројни групни и самостојни изложби.
Изложбата „Страв од непознатото“ ќе може да се проследи до крајот на месецов.