Крмов: Гласањето за Деловникот е генерална проба за внесување Бугари во Уставот

  • Во емисијата „Што мисли Народот“ на штипската телевизија Стар, гостуваше пратеникот на Левица Борислав Крмов. Пратеникот нагласи дека фрлањето амандмани во корпа е неуставно и правење груб фалсификат од страна на спикерот Џафери и дополни дека укинувањето на опозицијата е поткусурувањр за идната коалиција на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ. Крмов на сето ова гледа како припремање на теренот, за внесување на Бугарите во македонскиот Устав. Во прилог ви го пренесуваме целосниот текст од изјавата:

Нашето однесување во Собранието беше реакција на нивното шверцерско носење на Деловник и неуставно фрлање на нашите 2.400 амандмани во корпа. Џафери направи груб фалсификат и тоа е резултат на неказнивост. И ДПМНЕ и СДС до сега правеа Влада со ДУИ и за фунционерите на ДУИ важи принцип на неказнивост. Што и да направи Џафери, нема да одговара. Го видовме пред некое време како ги пцуеше и вработените на најгруб начин и не се одржа ни Комисија за да се разгледа тоа. Џафери немаше никаков правен основ да ги фрли амандманите. Не ми дава мене право Џафери да поднесувам амандани. Народот кој гласа и Уставот ми дава право да поднесувам амандмани.

Јас тука ќе кажам дека на Комисијата, каде се гласаа нашите амандмани за враќање на филибастерингот, Никола Мицевски од ВМРО-ДПМНЕ најбурно реагираше и неговите пратеници не ги гласаа амандманите на Левица. По наша проценка, Џафери ова го направи под директен притисок на ДПМНЕ. Полесно ќе му беше на Џафери сето ова да го заврши на Комисија, каде нема никакви новинари. Кога видоа ДПМНЕ дека ние го враќаме филибастерот, тие се убедени дека ќе бидат новата власт и тие не сакаат главоболка. Сакаат буквално диктатура и Собранието да носи закони на брза лента.

Во моментов, СДС и ДУИ се додворуваат на ДПМНЕ и тоа почна од измените на Кривичниот законик, со кои се амнестираа функционери на ДПМНЕ. Овие партии се веќе подолг период во коалиција. Дури и после лидерските средби, Мицкоски прифати влез на Бугарите во Уставот со некакво одложено дејство. ДПМНЕ веќе го кажа тоа.

ДПМНЕ сега глумат патриоти и нема сега да ги стават Бугарите во Уставот, ама апсолутно ќе ги стават после избори. Народот треба да знае дека ДПМНЕ тоа што го направи со Деловникот е генерална проба за како ќе се внесат Бугарите во уставот. Сите три заедно – ДПМНЕ, СДС и ДУИ, милум или силум.