Рекордни 62 милиони евра арач собрале патарините од македонскиот народ

Јавното претпријатие за државни патишта неколку години наназад има континуиран пораст, тоа се должи и на цените на патарините, но и на воведувањето нови патарини, пред се кај Штип и Свети Николе, кои изнесуваат 50 денари, односно 70 денари.

Оваа година е наплатено дупло повеќе пари за патарини споредено со претходно. Во 2020 година од наплатени средства по основ на наплата на патарина остварен е вкупен приход во висина од 34 милиони евра, во 2021 година од над 46 милиони евра, во 2022 година износот е веќе над 53 милиони евра и оваа година ќе ја завршиме со 62 милиони евра.

За ваквото легално и рекордно „пљачкосување“ на македонскиот народ, Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Ејуп Рустеми, вели дека е горд!

„Поточно, годинава имаме 100 проценти зголемување на приходите од патарина за разлика од пред три години“, изјави Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Ејуп Рустеми.

„Особено сум горд што од наплатна служба направивме синоним на модерна, електронска и современа наплата на патарина која нуди професионална и квалитетна услуга, сѐ со цел да овозможимe брз и безбеден проток на сообраќајот. Истовремено, сакам да се заблагодарам на сите вработени на наплатните станици кои со својата професионална и посветена работа помогнаа заедно да ја постигнеме посакуваната цел“, додава Рустеми.

Тој додава дека годинава отпочнато е и со модернизација на наплатните станици на Коридорот 8, Глумово и Желино, каде што ќе биде воведена исто така електронската наплата која се покажа како ефективна и брза за наплата и за побрз проток на сообраќајот.

Летово во соработка со земјите од регионот успешно стартуваше и проектот „Еден таг“, односно употреба на електронските тагови помеѓу соседите.