Изложбата „Музејот – Кустос на градот“ во Музеј на Град Скопје

На 24 ноември 2023 година (петок) во 19:30 часот во Музејот на град Скопје ќе се отвори постојаната поставка „ МУЗЕЈОТ – КУСТОС НА ГРАДОТ“.

Изложбата „Музејот – Кустос на градот“ хронолошки го претставува историскиот и културниот развој на градот Скопје. Богатото културно наследство на градот е раскажано преку музејски предмети, фотографии, документи и макети, почнувајќи од периодот на неолитот, железното време, раната антика, римскиот период, средниот век, османлискиот период, 19 век, 20 век па се до денес.

Музејот на град Скопје го чува, истражува и промовира културното наследство на градот. Археолошкото, историското, оделението за историја на уметност, архитектонското и етнолошкото одделение содржат голем број на музејски предмети распределени според временскиот период, содржината и контекстот за кои зборуваат.

Изложбата е комплексна музејска поставка, која преку музејските предмети поставени во соодветен меѓуоднос и контекст, има за цел на посетителот да му овозможат содржинска- визуелно атрактивна приказна.

Во реализацијата на изложбата учествуваа сите кустоси и вработени во Музејот на град Скопје, поддржани од директорот на музејот д-р Панче Велков.

Изложбата е музејски проект реализиран без финансиски средства.

Изложбата е поставена со цел да прерасне во постојаната поставка како репрезент на музејот и градот воопшто, која во иднина ќе биде збогатувана и ќе се развива во тек со современите технички можности и повремени изложби кои ќе ја надополнуваат.