Кумановските археолози пронајдоа уникатни фрагменти од 4ти век на локалитетот Градиште – Бислим
Археолошкиот тим на Музеј Куманово откри многу ретки фрески од 4 или 5 век на локалитетот Градиште – Бислим во селото Пчиња.
Освен фрагментите, како што информираше раководителот на тимот Дејан Ѓорѓиевски, откриен е и мал дел од слика на светец на најстарата црква откриерна на локалитетот, што има уникатно и посебно значење.
– Со истражување на наодите кои оваа конструкција ги покрила, наидовме на постари фрагменти од фреско декорација, со претежно геометриска орнаментика, кои ги датираме во втората половина на 4 или самиот почеток на 5 век. Големо изненадување за нас беше тоа што, освен што откривме геометриски мотиви во сликарството на најстарата црква, откривме и еден фрагмент од фреска на кој има сочувано претстава на рака на светител, вели Ѓорѓиевски.
Иако се работи за мал фрагмент, додава тој, истиот недвосмислено кажува дека во тој дел од црквата имало насликано фигура на светец. Тоа пак, вели, за тој период, било исклучително ретко.
– Фигуралните, односно човечките претстави во ранохристијанското сликарство се исклучително ретки. Кај нас, најсочувани такви претстави од овој период потекнуваат од крстилницата во Стоби, град кој бил еден од најважните и најголемите епископски центри во римска Македонија. Затоа, сознанието дека ранохристијанската црква откриена во селото Пчиња била украсена со претстави на светители, односно човечки фигури, претставува огромно изненадување за научната јавност, пред се, поради навидум тешкиот пристап на овој предел до главните патни комуникации (а со тоа и до цивилизациските текови), но и поради непостоење на вакви наоди во многу поголеми и позначајни ранохристијански црковни седишта во регионот и пошироко, појаснува Ѓорѓиевски.