EDS vs EVN – „змија или магаре“

Пишува: Петар Симиќ

По цели 30 години самостојност, нашата државотворна свест сѐ уште смета дека некој од надвор треба да ја управува Македонија, смета дека е потребен режисер на филмот од надвор.

Покрај тоа што имаме сопствена производствена, транспортна енергетска инфраструктура и институции, режисерот не вовлекува во класичната црно/бела проекција на дуален избор. По толку години сѐ уште се нуди избор само од две опции, како во политиката, така и во сѐ друго, па сега на ред е филмот со „универзен снабдувач“.
Спремен тендер со лош кастинг и тоа:

Главен лик: досегашниот неприкосновен монопол ЕВН ХОМЕ, омилена ќерка на големиот Австриски ЕВН – ДИСТРИБУТИВНИОТ ЕНЕРГЕТСКИ СИСТЕМ ВО Македонија
Споредна главна улога: компанијата ЕДС, отфрлена од таткото (функционер во/вон сенка на неколку претходни влади), а сега посвоена ќерка на грчката ППЦ.

И тука завршува високо буџетниот филм со ниска маржа. Главен заплет претставен на платното се опциите:
Дали тендерските услови не и одговараат на едната фирма, и што ќе направат австријците со Дистрибутивниот систем ако ја изгубат ќерката што убаво ја омажија и што им носи дома кеш?

Кулминацијата е дека услов за избор на најповолен понудувач е најниско понудена маржа?
А што е со претставување на загубите, пак ли ќе измислуваме мрежарина, пристапна мрежарина, достапност на мрежа, електрарина за да ги задоволиме и компензираме „најниските тендерски маржи“?
Зошто после толку години да не се потрудиме да направиме наш македонски филм, со наши актери?
Зошто мораме да гледаме филмови со синхронизација или превод?
Зошто се плашиме да им дадеме предност на нашите ресурси и институции?
Зошто се крие ЕСМ позади платното и го користиме како суфлер (испомош на странските актери кога ќе им загусти)?
Зарем не можеме да ја издигнеме ЕСМ во универзален снабдувач?

Ајде да ги смениме режисерот и продуцентот и да направиме Македонска Државна компанија како универзален снабдувач!

Ајде маржата да ја заддржиме за Македонија, па со истата да ја модернизираме инфраструктурата и да ја финансираме изградбата на нови енергетски капацитети (на пример ХЕЦ Чебрен)!

Сменете го филмот, или сменте го каналот, доста е гледање странски драми со погубен крај секогаш за Македонија!