Македонското правосудство го достигна дното

Сеад Кочан не е проблемот во оваа држава – тој е само манифестација на реалните социоекономски проблеми врежани во јадрото на нашето општествено уредување. Неговото притворање, доколку се случеше, немаше да е нешто повеќе од третман на симптомите. Сепак, голема врева се крена околу одредувањето мерка притвор за него, а потоа и за укинувањето на истата. СЈО, од својот зачеток и до ден денес, го задржаа статусот на народни херои (статус што СЈО радо го прифати и започна да создава мит околу него – нешто што гротескно ескалираше кога одлучија да најават прес-конференција со гатанка).

Без разлика на тоа дали Кочан ќе биде затворен или не, веројатноста дека ќе има нов Кочан во иднина не е мала (секако, доколку се спроведе мерката притвор, во иднина некој ќе размисли двапати пред да тргне по неговите стапки). Веројатноста дека проблемите во Македонија ќе бидат решени доколку СЈО успешно ја заврши својата работа (за што, очигледно, се максимално спречени од речиси сите државни институции), е исто така мала. Тогаш, зошто е толку важен Кочан?

Одговорот лежи во нефункционалноста на нашиот државен апарат, каков и да е. Ние низ годините се навикнавме дека во Македонија законите не мора да ги почитуваш доколку си (економски и политички) моќен . Сеад Кoчан, заедно со цела група луѓе кои ги кршеа законите и чии постапки беа обелоденети на јавноста, поминуваат неказнето, додека луѓето кои се побунија против начинот на функционирање на државата, до ден денес се прогонувани (против Здравко Савески и Мариглен Демири се водат судски постапки повеќе од една година). Богати криминалци сè уште крадат, додека мали деца се затворени поради поседување грам марихуана. Не е ни чудо што денот кога на Сеад Кочан му беше изречена мерката притвор, беше навистина светол ден за многумина. Конечно нештата мрднаа, конечно делуваше небаре ситуацијата може да се подобри!

Во Македонија дојде време во кое не се радуваме на системски промени, промени кои би ги преуредиле околностите во кои човекот живее, работи, создава, бидејќи за истите воопшто не наоѓаме време и можност да продискутираме. Во Македонија дојде време во кое се радуваме кога законот ќе биде испочитуван и спроведен!

И денес, кога истата таа мерка притвор за Сеад Кочан беше укината, очекувано, кај многумина настана револт и разочарување од нашето правосудство. Уште еднаш беше поразена надежта на човекот за подобро утре. Реакцијата кај многумина денес е иста: бараат комплетна замена на судиите, за истото да не се повтори. Но, мора да се разбере дека истото може и ќе се повтори доколку општественото уредување го дозволи тоа.

Македонското правосудство денес го достигна дното и нема да го подобриме само со промена на судиите, колку и да е тоа неопходно. Македонското правосудство мора да се реструктурира од корен.