Колку денови на жалост треба да прогласи нашава држава за сите онколошки пациенти?

Како пациентите кои се борат со карцином се почувствуваа кога слушнаа за скандалот на онкологија и битката со системот, за ова денеска пред Анкетната комисија сведочеше претставничката на пациентското здружение „Љубов сме“.

Посочи дека и сега се случува да има повремен недостиг од терапијата и порача дека од обвинителството очекуваат брза разрешница и утврдување на вистината, исто како и од пратениците. 

„Дајте како што сега заеднички ве видов дека пиете кафе во една просторија, вие од едната страна, втората, третата, петата страна, не е битно, жените, барем жените во овој парламент ве повикувам седнете на заедничка маса, без разлика на тоа која политичка партија сте, немојте да ги делите жените, ракот не бира ниту партија, ниту вера, ниту ништо, дајте помогнете. Во нашава држава изгоре автобус во Бугарија, нашата држава прогласи ден на жалост, излета автобус во Ласкарци нашата држава прогласи ден на жалост, колку денови на жалост треба да прогласи нашава држава за сите онколошки пациенти и тие што ги изгубија своите животи затоа што не секој преживеа зависно од типот на карцином, значи ние треба цел розов октомври да ни биде ден на жалост.“ – вели Македонка Икономова Давчева – Здружение на пациенти. 

Даријан Петров од граѓанската асоцијација „Одговорност“ сведочеше за битката на неговата мајка со канцерот и лавиринтите низ кои поминале. Сведочеше дека поради тоа што во земјава немало орална цитостатска терапија бил приморан со години да оди во Косово за да ја набавува. Сподели дека и самиот студирал медицина, но се откажал поради разочарување од ситемот и здравствениот и образовниот.  

„Јас претходно бев студент по медицина, но поради разочарување од здравствениот систем, па дури и како студент на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ се соочив со многу голем шок. Не би генрализирал, бидејќи има и одлични студенти, професори и асистенти, но се во постојана борба со неквалитет, до степен во кој се купуваа тестови за да се положи одреден испит и би сакал да истакнам една критика до целиот образовен систем. Зошто ова го потенцирам? Затоа што сето ова што доведе до крах на системот спроед мене е бидејќи имаме проблем со вредносниот систем и бидејќи образованието е темелот на едно општество.“ – вели Даријан Петров од Граѓанската асоцијација „Одговорност“.

Пратениците ветија пред сведоците откривање на вистината.