Во бегалскиот камп убиени 195 луѓе – ООН оценува можно воено злосторство

  • Владата на Хамас во Појасот Газа денеска соопшти дека во израелските напади оваа недела врз бегалскиот камп Џабалија, загинале 195 луѓе.

Канцеларијата за човекови права на Обединетите нации соопшти дека израелскиот воздушен напад врз бегалскиот камп Џабалија во Газа може да претставува воено злосторство, во услови на зголемен ужас од зголемениот биланс на цивилни жртви, пренесува Ал Џазира Балканс.

Кампот, во густо населена област на градот Газа, беше погоден со проектил во вторникот, оставајќи голем кратер во средината на бомбардираните згради, пред да биде цел на вториот бомбашки напад во средата.

Медиумската канцеларија на владата во Газа соопшти дека најмалку 195 лица се мртви, додека повеќе од 120 се водат како исчезнати под урнатините. Најмалку 777 луѓе се повредени во нападите.

Израел соопшти дека цел на нападот бил командант на Хамас.

„Со оглед на големиот број цивилни жртви и размерите на уништувањето по израелските воздушни напади врз бегалскиот камп Џабалија, сериозно сме загрижени дека станува збор за непропорционални напади кои би можеле да претставуваат воени злосторства“, соопшти Канцеларијата на Високиот комесаријат за човекови права на Обединетите нации.

Нападот беше проследен со осуда од Обединетите нации, во кој официјални лица изразија шок и вознемиреност од нападите врз најголемиот бегалски камп во Газа. Генералниот секретар Антонио Гутереш „е згрозен од ескалацијата на насилството во Газа“, изјави неговиот портпарол Стефан Дужарик.