Грамосли: Скопје е град полн со „бубуљици“ – заболен од бактерии кои имаат име!

  • Фејсбук статус на Сандра Грамосли – Магистер инженер архитект

Акните се показател на одреден дисбаланс во организмот. Се појавуваат најчесто од стрес, неправилна грижа за себе или се показател на одредени внатрешни болести и присуство на бактерии.

Докторите обично велат да бидеме среќни кога внатрешното нарушување избива на кожата, па телото алармира дека организмот е заболен и мора да се лечи. За жал, лечењето на акните остава белези на кожата.

Градот е комплексен жив организам кој постојано расте и треба да се негува со исклучително внимание за да не почне да метастазира.

Меѓутоа „Градот не се развива сам од себе како биолошки организам, туку како кумулативен продукт на поврзани одлуки на многу индивидуи и заедници кои имаат различни цели и средства и кои континуирано меѓусебно влијаат на одлуките”.

Скопје е град полн со „бубуљици“! Заболен од бактерии кои имаат име, најчесто се викаат Голден Арт, Мега Акустик, Ремис, Ин Пума, Настел, Тајфа… кои преку поврзани одлуки со многу индивидуи на власт имаат клептомански цели и средства кои континуирано меѓусебно влијаат на метастазирање на канцерот.

Скопје умира и се заболуваме и ние со него. Скопје од градот на солидарноста прерасна во градот на индивидуалната клептоманија! Лицето на Скопје е показател на сите болести во општеството!

Се згрозувам кога го гледам Скопје од Водно, исто онака како што се згрозував од самата себе кога не можев да ги сопрам акните. Акните влијаат на психата на индивидуата што ги носи, исто онака како што влијаат скопските бубуљици на психата на луѓето кои се дел од тој организам. Процесот на лечење акни е долг макотрпен процес. Бара целосна промена на начинот на живот, промена во исхрана, промена на навики, тон медикаменти, тон третмани и тон пари. И процесот остава трајни белези.

Третманот на Скопје не е ни започнат. Скопје не е ни дијагностициран, Скопје секој ден сѐ повеќе заболува од разни Друштва за градежништво, трговија и услуги и за да го сопреме тој процес, треба да го промениме општеството од темел и да ги прифатиме белезите.

Или сите ќе заболиме и умреме заедно со него.