Инспекторот Илиевски со иницијатива до Уставен Суд

Инспекторот Ѓорѓи Илиевски кој го откри скандалот со незаконско стекнување титули на Државниот Универзитет во Тетово од страна на функционери на ДУИ, поднесе уставна иницијатива за оценување на уставноста на новиот Закон за високо образование.

Според инпекторот Илиевски, кој минатиот период обвини дека врз него се врши мобинг диригиран од премиерот Заев и министерот Спасовски, Законот за високото образование на РМ (Службен весник на РМ бр. 82/2018) е во јасна колизија со уставните норми, со тоа што членот 174 определува дека:

(8) При мирување на работниот однос, лицето избрано во наставно-научно, наставно-стручно, наставно или соработничкозвање, има право да врши високообразовна дејност на прв циклус на студии без финансиски надомест.

(9) Лицето избрано во наставно-научно, наставно-стручноили наставно звање, на кое му мирува работниот однос, има право да држи предавања и да биде ментор на втор и трет циклус на студии, како и да врши други активности од високообразовната дејност.

Инспекторот Илиевски се повикува на членот 89 од Уставот на Република Македонија кој предвидува дека: „Функцијата претседател на Владата и министер е неспојлива со вршење на други јавни функции или професии.” Според него, уставната одредба од членот 89 неспорно имплицира дека последиците на мирувањето не се оставени на слободна диспозиција на функционерот (како што во член 176 став 3 од ЗВО е предвидено дека на барање на лицето, рокот за распишување на конкурс за избор во звање не мора да се продолжи) и дека функционерот не може и не смее да се става над Уставот и своеволно да остварува дополнителни права за себе, во време на извршување на друга државна или јавна функција поради која работниот однос му мирува. 

За скандалот со Тетовскиот Универзитет правна постапка најави и политичката партија Левица која обвини дека Раководителот на Секторот за инспекциски надзор во високото образование при Државниот просветен инспекторат – Африм Саљиу ретроактивно го толкувал новиот Закон за високо образование и не утврдил никакви незаконитости во случајот со функционерите Агим Нухиу, Арбер Адеми и Сафет Емрули.