Синдикатот на Еуроникел Индустри во четврток ќе ја блокира фабриката

Ако до среда до 15 часот не се добие позитивен одговор за исплата на плата, набавка на струја за печката и продолжување со производство, синдикатот на Еуроникел индустри денеска најави блокада на комбинатот за во четврток. Според нивните најави блокадата ќе ја започнат во 5 часот и 35 минути.

Претседателот на синдикатот, Миле Ѓорѓиев вели дека синдикалната организација е загрижена и незадоволна од состојбите. Доколку нивните барања не бидат исполнети тој најавува дека ќе се блокира влезот во фабриката и нема да се пропушта никој да влезе.

Ѓорѓиев информира дека вчера на барање на раководството на синдикатот се одржала средба со директорот и раководството на Еуроникел индустри. Бил побаран одговор на повеќе прашања.

„Ни беше речено  дека септемвриската плата ќе се доплати кога ќе има средства, но без одредена дата. Потоа се постави прашањето до каде е барањето на нов партнер. Овде одговорот беше дека во рок од 30 дена ќе се реши што и како понатаму,  а нема одговор како ќе се преживеат тие 30 дена. За нас како Синдикат очигледно е дека сопственикот сака да ја продаде фабриката, само не може да се договори за цена со потенцијалниот инвеститор. Директорот ја демантираше оваа констатација и на прашањето дали има конкретна понуда за преземање на компанијата од заинтересиран инвеститор вели дека се уште нема таква понуда – што значи дека сакаат да ја продадат фабриката, вели  Ѓорѓиев. Тој додаде дека на средбата не бил добиен одговор и на прашањето од каде ќе се најадат пари за октомвриската плата, за струја за печката но и за тековно одржување на фабриката“.