(Видео) Муцунски ја злоупотребува Општината за политички маркетинг

Реакција на Левица – ЛО Аеродром.

Во работата на општината Аеродром под палката на новиот градоначалник Тимчо Муцунски се провлекува еден континуиран проблем на нецелосно и половично извршена работа, која пред граѓаните и јавноста се претставува како огромен успех и достигнување при што политички се злоупотребува општината.

Наместо општината да биде вистински сервис за жителите на Аеродром, таа се користи за политички маркетинг кој не соодветствува со реалноста на терен.

Имено по поплаките на граѓаните околу еден хаварисан автомобил во близина на училиштето Љубен Лапе и кој претставуваше опасност за децата таму општината го тргна автомобилот од таа локација и наместо истиот да заврши во отпад, заврши под железничката станица каде исто така секојдневно поминуваат деца.

Друг ваков случај каде работата се врши површно и нецелосно е дивата депонија кај кејот на Вардар во населбата Долно Лисиче која е исчистена само во делот каде што се гледа покрај патот, а делот од кај брегот на реката Вардар не е воопшто исчистен.

Потсетување и за отворањето на половично реновираното стадионче во Ново Лисиче за кое реагиравме во едно претходно видео.

Бараме од општина Аеродром да се престане со злоупотреба на општината за гол политички маркетинг кога во суштина работата како во овие конкретни три случаи, а и во други за кои допрва ќе реагираме не е докрај или е половично завршена.