Пописот на Онкологија го правеле истите луѓе што располагале со лековите!

Кога се правел пописот на лекови во Клиниката за онкологија, имало ситуација „кадија те тужи – кадија те суди“, рече денеска во Собранието главниот државен ревизор Максим Ацевски. Тој пред пратениците го претстави ревизорскиот извештај за оваа клиника кој инаку е јавно достапен од март, но на денешната комисија за финансирање и буџет во Собранието стигна како товарен воз – во октомври.

Во своето излагање пред пратениците главниот државен ревизор Ацевски откри досега необелоденети состојби, односно дека во пописната комисија за 2021 година на Клиниката за онкологија, чија задача била да утврди што има во сметководството, а што реално како лек постои на клиниката (материјална евиденција) и дали тие две евиденции се совпаѓаат – членувале лица кои имаат судир на интереси односно самите биле раководители и ако имало пропусти тие би биле резултат на нивното пропуштање да постапат.

Оние кои што располагале со лековите, биле истите луѓе од Клиниката за онкологија кои го вршеле пописот. Задолжениот со магацинот бил во пописна комисија, тој што го водел сметководството исто така. За сето ова Ацевски рече дека ревизорите имаат писмени докази прибрани од страна на софистицирани програмери и ИТ ревизори кои ја презеле базата од апликацијата за водење деловни книги и софтверот и ја споредиле со материјалната евиденција и податоците не биле идентични.

Во делот на пописот имало ситуација „кадија те тужи кадија те суди“. Раководители на сметководството и одговорни лица за материјалната евиденција од Клиниката за онкологија, биле во пописната комисија. Кој сам ќе констатира неправилности во работењето, ако самиот бил инволвиран во постапката или дозволил да се случи нешто? Има неправилности во извршениот попис, односно отсуство на процедури за прием, издавање, потрошок и евидентирање на залихи на лекови. На крајот од годината е евидентирана набавката на биолошката терапија, која всушност се набавувала континуирано во текот на целата година на реверс.  Но бидејќи немало склучен договор за јавни набавки, на крајот од годината за неа е евидентиран потрошок од 649 милиони денари. Таквиот упад создава сомнеж дека му е дадена монополска положба на дистрибутер и го ставаме во ситуација да понуди цена која него му одговара, рече Ацевски пред пратениците.

Тој го презентираше и делот од ревизорскиот извештај од кој очигледно, како што рече, произлегува дека Македонија е многу богата држава. Поради неодговорно и недомаќинско работење, на Клиниката за онкологија ѝ пропаднал цел акцелератор од 1,7 милиони евра кој сега и да сакаат не можат да го вратат во функција освен ако не ѝ дадат нови милиони евра на фирмата добавувач.

-Дадени се пари од државниот буџет за медицинска опрема, но некој или не сака или не знае да ја стави во употреба. Во 2016 година е набавен акцелератор вреден 1,7 милиони евра, но за жал до денеска не е во употреба. Потрагично е што овој акцелератор веќе не може да се стави во функција па добавувачот нудел нови алтернативи. Или да се набави дополнителна опрема од 2,5 милиони евра, или да се купат два нови акцелератори за 5.2 милиони евра. Тоа значи дека досега дадените пари за оваа намена, отишле во ветер, констатираше ревизорот Ацевски.

Тој нотираше дека понудувачите на опрема имаат направено систем на опремата што ја доставуваат во болниците да може да се користат само нивни реагенси (реагенси за кои тие се производители).

Во таква ситуација сите јавни здравствени установи се ставени во подредена ситуација да нарачуваат од нив. Затоа треба Министерството за здравство, МАЛМЕД и Собранието да размислат и да го изменат Законот за јавни набавки и да се стави крај на монополската положба на производителите на медицинска опрема и на дистрибутерите на лекови, алармираше ревизорот.

Добар дел од неговото излагање се однесуваше и на монополската позиција која ѝ е дадена на компанијата „Доктор Пановски“ која за голем дел од лековите на Клиниката за онкологија е единствен добавувач. Ревизорот рече дека иако од 2017 до 2021 година Фондот за здравство одобрувал прогресивно повеќе средства (драстично зголемени биле буџетите за биолошка терапија од година во година), сепак, тој буџет не е доволен за сите пациенти да се вклучат на неа.

Тоа што немало протоколи создало можност доктор да одлучува кој ќе биде ставен на биолошка терапија, а одобрение давал медицинскиот директор. Наместо да се прави тоа на стручен колегиум, се дошло во ситуација да се преземат обврски над одобрениот условен буџет и не се овозможило подеднакво право сите пациенти што имале потреба од биолошка терапија – да ја добијат. Таа пракса еден да одлучува, создава сомнеж за субјективно постапување за тоа кој пациент ќе биде приклучен на биолошка терапија а кој не.

Ацевски истакна дека Клиниката за онкологија излегла над одобрениот буџет за неверојатни 5 милиони евра.

Воспоставена е пракса самите медицински лица да преземаат активности и да вршат набавка на реверс пред да биде склучен договорот за јавна набавка. Сите знаеме дека ако набавите нешто пред време, а потоа склучите договор, ставени сте во ситуација да бидете уценувани, посочи ревизорот.

Ревизорот Ацевски понуди препорака да се измени законот за јавни набавки и да се ограничи маржата за набавка на биолошки лекови.

Дополнително, Законот за здравствена заштита предвидува дека треба да има повеќе софтвери кои ќе ги управува Министерството за здравство, а со кои ќе се врши евиденција на опремата и на лековите во Клиниката за онкологија и на работното време. Но, Министерството за здравство не го есапи законот и ниеден од овие софтвери не им функционира. Затоа, нема контрола за начинот на користење на опремата и на лековите. И КАТО системот фаќа прашина а сестрите мерат цитостатици рачно, како што не се случува во ниту една онколошка клиника во Европа.

И во 2012 година не било ништо подобро на оваа клиника. И тогаш имало терапија која што Клиниката ја набавувала на реверс. Тогашната директорка доктор Симонида Црвенкова беше разрешена од страна на тогашниот министер за здравство Никола Тодоров зашто внатрешната ревизија од Фондот за здравство констатирала оти доктор Црвенкова набавила лекови за цена од 44.800 денари (вијали со поголема милилитража) иако во клиниката имало поголема залиха од овој лек и немало потреба да се набавуваат нови. Оваа набавка за 44.800 денари по вијала, Црвенкова ја склучила на само два дена пред да биде склучен новиот договор во кој цената на истиот лек била 20 пати пониска, односно била 1.815 денари по вијала(oвие вијали биле со помала милилитража). За оваа авантура со јавните набавки, тогашната влада го разреши цел управен одбор во 2012 на Клиниката за онкологија.

Во извештајот на Државниот завод за ревизија за 2021 година стои дека одговорни за состојбите се тогашниот медицински директор доктор Нино Васев и тогашниот економски директор Нехат Нухи. И двајцата веќе не се на раководни позиции. Екс-министерот доктор Беким Сали извести дека од Васев побарал план за да почне да се намалува прогресивниот долг на Клиниката, па откако не добил соработка и конкретни решенија – од него побарал да си поднесе оставка што и се случи. Законот за здравствена заштита предвидува во член 112 предвидува дека Стручниот колегиум на клиниката составен од директорот, раководителите и главната медицинска сестра му предлага на директорот потреба за набавка на лекови. Но, стручен колегиум во 2021 година на Клиниката за онкологија немало. На почетокот на идната година Државниот завод за ревизија пак ќе влезе на Клиниката за онкологија во детални проверки.