Одбележан 10 годишниот јубилеј од отварањето на паркот и откриена спомен плоча во Архео Парк Бразда

Вчера во Архео Парк Бразда  свечено беше одбележан 10 годишниот јубилеј од отварањето на паркот, а воедно беше откриена и спомен плоча во чест на проф. др. Иван Микулчиќ, пронаоѓачот на владетелската гробница и великанот на македонската археологија, соопшти Институт за археолошки истражувања-Скопје.

Идејата започна од група тогашни студенти кои имаа желба, монументалната владетелска гробница од 5 век п.н.е. да ја уредат и да ја претворат во туристичка атракција. ЗГ Инситут за археолошки истражувања – Скопје во партнерство со Музејот на Македонија, а поддржано од АД ЕЛЕМ преку својата програма за општествена одговорност излезе на терен за да ја смени сликата за ова значајно културно наследство. Архео Парк Бразда стана нова туристичка атракција во непосредна близина на главниот град, а воедно и континуирано ќе придонесува за развој на туризмот во рурална средина.

Приказната трае веќе цела деценија и се надеваме на уште успешни години.

Археолошкиот локалитет „Градиште – Бразда“ се наоѓа на 15 километри северозападно од Скопје, на рид што се издига над селото Бразда.

На зарамнетиот врв на Градиште, на јужната и запападната падина, според информациите добиени од археолошките истражувања лежат остатоци од утврдената раноантичка населба (7-4 век п.н.е), распоредена на неколку подѕидани тераси, на површина од 4,5 Ха.

Со ископувањето на монументалното архитектонско здание, познато како „Кралската гробница“ во 1986 година, археолошкиот локалитет Градиште завзема значајно место во археолошките кругови.

Со своите специфични карактеристики, гробницата во Бразда претставува уникатна градба од ваков вид.

Станува збор за репрезентативна градба со правоаголна комора со димензии 9,8 на 6,6 метри и дромос со должина од над 20 метри, кој стрмно се спушта кон западниот влез на гробницата. Целата структура е изградена од големи украсени травертински блокови со просечна тежина од 500 до 1500 кг.

Гробницата во Бразда се разликува од гробниците од македонски тип по планот на основата: нема преткомора, а главната комора е поставена попречно на дромосот. Во неа не е положен покојникот, а насипот одгоре не формирал могила (тумулус) туку се претопувал со околината. И нашите камени штитови не се познати на македонското подрачје. Аналогии имаме во далечното Северно Причерноморие во владетелските скитски гробници во Солоха и во Пазирик на Алтај. Формата на овој штит е вообичаена и во Египет.

Монументална кралска гробница датира од 5 ти век пне.