Драмско востание – 1941 година

На денешен ден 29-ти септември 1941 година, во реонот на градот Драма, односно Драмско, Егејскиот дел на Македонија, почнало Драмското востание на Македонците и Грците против бугарскиот фашистички окупатор.

Градовите Драма и Кавала претставувале силно јадро на работничкото движење во Егејскиот дел на Македонија. Најреволуцинерно место од тој реон било гратчето Просечен, во чиј округ имало развиена силна мрежа и партиска организација. Кон крајот на јуни 1941 година Покраинскиот комитет за Македонија и Тракија на КПГ, донело одлука за формирање на партизански единици и за отпочнување на вооружена борба, која била предвесник на Драмското востание.

Непосредно пред востанието имало неколку диверзантски акции од македонски диверзантски групи, во кои биле запалени бугаро-фашистички полициски станици.

Според сведоштвото на еден од учесниците во ова востание Ѓорѓи Бончев, од партизанскиот штаб на планината Макрош, се дала наредба за отпочнување на напади врз општините, полициските участоци и касарните со цел да се парализира окупаторот. Почетокот на овие акции бил ноќта помеѓу 28 и 29 септември 1941.

Во гратчето Просечен на полицискиот участок нападнале 20 партизани, додека касарната била нападната од 18 борци.
Утрото на 29 септември во гратчето Просечен била прогласена народна власт. На митингот кој бил одржан, на македонски јазик се обратил Ѓорѓи Бончев, додека прокламацијата за востанието на грчки јазик била прочитана од Андониос Николаидис.

Истиот ден бугарската војска со големи воени сили извршила контранапад, кој бил поддржан од два авиони кои ги бомбардирале партизанските позиции.

Борците успеале да го одбијат нападот се до ноќта, кога бугарската војска добила силна поддршка од минофрлачи и артилерија, по што бугарските фашисти почнале со масакр на населението во Просечен.

Во овие борби загинале десеттина борци: Иван Велјанчев, Васил Шапков, Христо Европов, Ѓорѓи Шапера, а Прокоп Караиванов бил претепан до смрт. Христо Болуџиевски, Димитар Росиловалиев, Ѓорѓи Пејков и двајца борци од село Волак, биле осудени на смрт и стрелани.

Македонските и грчките партизани успеале да го ослободат и гратчето Доксат.

Исто како во Просечен, и во Доксат бугарските сили навлегле во градот следниот ден и почнале да влегуваат од куќа во куќа и да ги апсат сите мажи над 16 години.
По неуспехот во Драмско, партизаните се повлекле во базите во Кушница и Чал Даг за да се прегрупираат.

Бугарските воени и полициски сили настапиле со голема бројност а на 30 септември востаниците се повлекле од рамните области и борбите се префрлиле во северните области на Кавалско и Правишко.

Во текот на овие три дена 29, 30 септември и 1 октомври, бугарските фашисти масакрирале од 2500 до 3000 души во околината на Драма.

Таа бројка е потврдена и од бугарскиот даночен службеник Петар Јанков, во делото „Црна книга на бугарските злосторства во Источна и Македонија и Западна Тракија 1941-1945“, издадена во Атина 1945 година на страна 22.
Бугарскиот колеж и терор се проширил и надвор од Драмската околија. Најголем масакр бил извршен на планината Пангеон во манастирот Света Богородица,, каде што биле заклани неколку стотици жени и деца.

Бугарската фашистичка власт формирала три жандармериски групи, кои од 1 до 6 октомври започнале со чистење на регионот. Со помош на артилерија и авијација базите на востаниците во Кушница и Чал Даг се уништени. Отпорот на востаниците траел се до 5 Ноември 1941 кога востанието било задушено.

ВЕЧНА ИМ СЛАВА НА ХЕРОИТЕ ОД ДРАМСКОТО ВОСТАНИЕ!