Растеж на АФЖ (Aнтифашистички фронт на жените)

 

Организацијата АФЖ во Егејска Македонија, коja била дел од НОФ (Народноослободителен фронт) и ja спроведувала неговата политика, имала Главен одбор, Извршен одбор на Главниот одбор, окружни, реонски и месни одбори. Главен орган претставувал Конгресот, односно окружните, реонските и месните конференции од каде се избирале раководни тела.

Во почетната фаза на ослободителната борба 1945—1946 година, членовите на раководните тела на АФЖ се поставувани по пат на кооптирање од страна на Главниот одбор, односно окружните и реонските одбори на НОФ. По 1946 година тие се избирани на демократски начин со тајно гласање.

Да потцртаме дека активноста на АФЖ се одвива во две фази. Првата фаза е од нејзиното формирање па cè до нејзиниот I конгрес, одржан во април 1948 година, кога организационо делува во рамките на НОФ и втората фаза од I Конгрес до крајот на нејзиното фактичко постоење — август 1949, кога се осамостојува како посебна организација.

Поставувањето на организациона мрежа на НОФ – АФЖ по градовите и селата, во голема мера, било обусловено од присуството на монархофашистичките сили и затоа тоа некаде се одвивало побрзо некаде побавно, но и покрај тоа од почетокот на 1945 година па cè до август 1949, организации на АФЖ веќе има во 220 села во кои биле организирани 10.402 жени и девојки. Освен во селата, организација на АФЖ е поставена и во два градови — Воден и Лерин. Во Воден делуваа самостојно додека во Лерин во склопот на НОФ. Поволни услови, за поставување поширока мрежа на НОФ – АФЖ, се јавуваат во пролетта на 1947 година, со создавањето на слободна територија.

Според територијалната поделба на окрузи и реони е поставена и организационата мрежа на организацијата. До октомври 1946 година постојат и околии (срезови), но по октомври организационо тие не постојат. Друга организациона промена имаме на 20 мај 1947 година кога Гуменџиско-Ениџе — Вардарскиот округ се фузира со Воденскиот и не постои како засебен округ. По овие промени како окрузи постојат Воденскиот, Костурскиот, Леринскиот и Серскиот.

Додека во првите три окрузи имаме масовни организации на НОФ – АФЖ, во Серскиот тоа го нема поради разни причини, а пред cè поради големиот терор спроведуван од страна на монархофашистите.

  • Овој извадок е вториот дел од серијата стории кои ќе ги споделиме како извадоци од книгата „Историја – 60 години КПЈ – СКЈ“. Првиот дел прочитајте го на овој линк.