Aнтифашистички фронт на жените (АФЖ) во Егејска Македонија

Појавата на АФЖ во Егејска Македонија, на 23 април 1945 година претставувало континуитет на општата борба што jа водел македонскиот народ за национална и социјална слобода во која никогаш не изостанувала назад и жената. Во текот на турското ропство, со сите свои сили и можности, таа го помагала револуционерното движење, дури и со пушка в рака, како комита, се впуштала во борба против поробувачот.

По балканските војни, едно ропство отиде a дојде друго, потешко. Буржоазијата од балканските земји jа раздели Македонија меѓусебе и секоја на свој начин настојувала да го асимилира македонскиот народ. Особено тешка беше положбата во егејскиот дел на Македонија каде што се употребуваа ригорозни мерки во тој правец. Но борбата за национален опстанок не престануваше. Многу Македонци се вклучуваа во партиските и синдикалните организации во кои и присуството на жената било значително.

 Во Грција диктатурата на Метаксас (1936—1940) се смета црн период за целиот демократски грчки народ, а особено за македонскиот. Македонката како и целиот македонски народ силно jа почувствува денационализаторската политика, кога со Закон се одело да се уништи сето она што носи словенско обележје. Се знае дека во овој период 5.250 Македонки биле обвинети и над нив изречени судски казни затоа што биле затекнати да зборуваат на својот мајчин јазик — македонскиот.

Се одело на елинизација на населението не водејќи сметка за историските корени на македонскиот народ, за неговиот национален инивидуалитет меѓу грчката стварност.

Но и покрај сите денационализаторски мерки, националното чувство кај Македонката не згасна, туку длабоко тлеело во неа за да се распламти во текот на Народноослободителната војна (1940—1945) кога стапува во редовите на народноослободителната војска — ЕЛАС и во македонските антифашистички организации — СОФ, СНОФ, ТОМО и се бори на сите можни начини против окупаторот. Организирана во нивните редови таа се грижи за снабдувањето на партизанските единици со храна, облека, муниција, врши курирски задачи, организира и спроведува протестни акции против теророт, гладот и др.

Кон крајот на 1943 година кога во Леринско и Костурско се формираа антифашистичките организации СОФ и СНОФ, Македонката од овие окрузи масовно се вклучила во нивните редови, верувајќи дека само така ке може да се бори за извојување на национална и социјална слобода.

Само во Костурскиот округ над 1834 жени биле членови на СНОФ кои не само што биле вклучени во интендантската служба, и другите организирани форми на работа, туку многу од нив биле и активни борци на ЕЛАС и извршувале значајни воени операции на подрачјата окупирани од непријателот.

Да напомнеме дека и покрај готовноста и борбениот ентузијазам на Македонката да стапи во борбените редови, не и беше овозможено да го стори тоа до тој степен, како што сакаше таа, поради општите стратегиски ставови за водење револуција во Грција со што се лимитираше учеството на Македонците во Народноослободителната борба.

Учеството на жената во партизанските единици посебно било условено со Наредбата на Главниот штаб на ЕЛАС. Имено: се условуваше жената да биде над 19 години, да има согласност од родителите, односно од сопругот, да е писмена и морално исправна. Сето ова не можело а да не се одрази негативно за масовното учество на жените во партизанските единици.

Резултатот на ваквиот став е и постоењето на женските партизански групи, формирани само при Главниот штаб и штабовите на дивизиите. Таков е случајот со партизанската група при IX дивизија во коja имало голем број Македонки, а повеќето од нив биле млади девојки од селото Нестрам — Костурско, предводени од Теодора Шкорнова од истото село. Војната заврши оставајќи зад себе пустош и голем брpoj жртви. Како и многу народи во светот, така и македонскиот народ силно ги почувствува последиците на војната, а од тој огнен виор не беше поштедена ни жената. Така, за време на окупацијата во Егејска Македонија се убиени 111 Македонки, 448 се силувани, 423 уапсени, 7.267 обездомени и 7.521 претепани и тероризирани.

По договорот во Варкиза на власт во Грција дојде десницата потпомогната од Англија и наместо да се погрижи да го поправи она што било уништено од војната, таа jа туркаше земјата cѐ повеќе во граѓанска војна.

Англискиот фактор играл решавачка улога во целокупниот живот на Грција. Се знае дека уште во текот на војната, иако Англија била од страната на сојузничките сили, таа склучува тајни преговори со германскиот окупатор и со грчките квислинзи со цел да водат заедничка борба против ЕАМ, EЛAC и општо против демократското движење, а особено против комунистите.

Десницата, поддржана од една голема сила каква што беше Англија во борбата против демократските сили во земјата, острицата на камата jа насочи и против македонскиот народ за да го откорнат од родната земја.

Овој народ кој херојски се борел на многу боишта заедно со грчкиот народ, за слободата и интересите на Грција, за што даде и безброј жртви, ceга беше подложен на варварски терор. Се палат неговите домови, се ограбуваат имотите, се малтретираат невини луѓе, а жените и девојките понижувани во лудачки оргии од страна на вооружени и други грчки банди. Реакцијата отоврено истапува дека Македонците од Егејска Македонија треба еднаш за секогаш да бидат истребени од македонската територија, која ja нарекуваат Северна Грција.

Таквата политика на истребување доследно почнаа да ja спроведуваат монархофашистите кои секојдневно патролираа низ македонските села и викаа: „Тука е Грција, а вие не сте Грци и затоа треба да бегате. Некои ќе убиеме, некои ќе истераме така што кога ќе дојде кралот да не најде ни еден Словен во земјата.

За да ги оправда нечовечките постапки спрема македонскиот народ, реакцијата ширела теории за наводно постоење на словенска опасност од северните соседи, ги труела мислите дури и на чесните Грци со шовинистички идеи. „Вие сте Македонци, го сакате Тито и сте негови курири затоа да бегате од тука порачуваа монархофашистите, марширајќи и вршејќи терор низ македонските села.

Реакционерите во Грција никако не можеа да се помират со тоа дека Македонците достоинствено ги поднесуваат страдањата и остануваат горди на својата националност. За да го скршат тој дух, тие применуват се поригорозни терористички мерки и засилено почнуваат да спроведуваат нови форми на напади против Македонците. Со масовни обвинувања за „автономисти“ и „охранити“ (контрачетници) се судени со илјадици Македонци кои со пушка в рака се бореле против окупаторот или биле активни антифашисти. Така, на пример, во Костурскиот округ само во текот на 1945 и до март 1946 година се поднесени 5.000 обвинителни акти.

Реакционерните власти незадоволни само од епитетите „автономисти“ и „охранити“, измислуваат и други како „разбојници“ и „потпомагачи или агенти на Тито“, за да можат секој Македонец да го обвинат и гонат. Има случаеви кога заради такви обвинувања се водени в затвор сите жители на селото, натоварени на добиток, бидејќи претходно биле претепани до тој степен што не биле во состојба да одат пеш. Таков е случајот со селото Ошчима и Горно Невољани — Леринско.

Теророт на монархофашистите, вршен над сето македонско население во Егејска Македонија, посебно го почувствува македонската жена бидејќи била жив сведок гледајќи како домот и гори, имотот и се ограбува, а децата и остануват гладни и боси, мажот пред очи и го убиваат, нејзе ja влечат по затвори и ja понижуваат на најнечовечен начин.

Силувањата на младите жени и девојки беа секојдневна појава. Ќе наведеме неколку примери од многубројните такви појави. Таков е случајот кога на 30 мај 1945 година бурандадите вршат напад на селото Сетина — Леринско, силуваат 3 жени, односно во исто време мајка, снаа и ќерка, а во Карагоч офицерот Лигурас силувал 12-годишно девојче.

Во повеќе костурски села, во првите месеци на 1945 година биле силувани 50 жени од страна на национал-стражарите, и, откако им биле истрижени косите, биле одведени голи на сред село. Или кога капетанот Кирјакос влегол во селото Тресино, четворица негови војници ja силувале жената М. и на нејзиниот свекор му наредиле да свети со свеќа додека тие изведуваат оргии. Кога бурандадите го нападнале градот Негош-Берско, уапсиле 400 жени и девојки, ги соблекле голи, три дена ги тепале и малтретирале, а многу од нив и силувале.

Податокот дека од февруари 1945 па cè до почетокот на 1947 година биле силувани 737 жени и девојки — Македонки, укажува на неподносливата положба во коja се наоѓала Македонката.  

Македонката била малтретирана на брутален начин, одземајќи и го најосновното човечко право да зборува на својот мајчин јазик. Мелодичноста на тој убав словенски јазик беше невосприемлив за фанатизираните Грци. Им пречело дури и кога на свадбите се пееле обредни песни и затоа, под ударот на кундакот ги растурале свадбите, како што е случајот во селото Екши-Су. На 28 ноември 1946 година во селото Д’мбени — Костурско, жандармеријата уапси и ѕверски претепа една трупа младинци и младинки бидејќи пееле македонски песни. Пред тоа, во март истата година, во Костур се судени 40 девојки од Д’мбени и 12 од село Нестрам затоа што пееле македонски песни на свадбите. Воени единици патролирале низ македонските села и откако ќе го претепале населението заминувале со аманет – да не се зборува македонски. Таков е случајот со селото Смрдеш — Костурско и со многу други македонски села.

Теророт беснеел ширум цела Грција. Од постојни документи се констатира дека од февруари 1945 до февруари 1946 година од грчки вооружени банди беа убиени 1.192 грчки и македонски патриоти, ранети 6.413, уапсени 75.000 од кои 16.000 останаа во затворите, 6.567 куќи на припадници на отпорот уништени и ограбени, 100.000 демократи гонети, а делуваа 166 терористички банди

Во тој период само од Кукушко се убиени 110 лица, 400 уапсени, 2.500 гонети и како резултат на таквите прогонувања 1.000 лица пребегале во Југославија.

Животот стануваше cè потежок и понесигурен. Во селата патролираа вооружени банди, го малтретираа населението, ограбуваа, палеа куќи на патриоти, апсеа, убиваа, силуваа жени и девојки.

Во градовите, ситуацијата била исто тешка. Деноноќно униформисани полицајци апсеа невини луѓе, грабнувајќи ги од сред пат или од куќите, на полноќ, полусонливи, носејќи ги така, без објаснување, во затворските подруми.

Во притворите, животот на затворениците стануваше пеколен. Во тесните ќелии се натрупуваа еден врз друг и се настојуваше условите за живот да бидат што потешки, со цел да се потклекне уште на првиот удар, дополнувајќи го тоа со физички и психички мачења. Во тесните ќелии без светлост и воздух се вкусуваше пеколот на животот. За да се дојде до крајната пресуда и да се изрече виновен или не, се употребуваа такви методи на мачења од што многу го оставија животот во тие мачилишта, но, не издавајќи ги идеалите за слобода и независност.

Нашата хероина Ирина Гинова — Мирка е типичен пример за херојско држење, не само во затворските подруми каде била ѕверски мачена, туку и за нејзиното држење пред Судот и пред егзекуцискиот одред, кога пред да падне од непријателскиот куршум извикува: Да живее НОФ и АФЖ, да живее КПГ.

Боли и судбината на трите млади другарки од селото Екши-Су, чии млади тела беа бодени со вжештени железа од страна на вооружена банда, бидејќи биле членови на АФЖ во селото.

Трагедијата на селото Загоричени од 1905 година кога грчките комити заклаа повеќе мажи, жени и деца се повтори и во оваа војна. 15 млади жени и девојки беа заклани и фрлени на пат затоа што им помагаа на партизаните на ДАГ.

Така, во услови на политички и економски хаос во Грција, во услови на масовен терор и отворено гонење на Македонците од својата земја, на 23 април 1945 година се јави Народноослободителниот фронт — НОВ во чиј состав се формира и Антифашискиот фронт на жените — АФЖ и младинската организација — НОМС. (Народноослободителен младински сојуз).

Родена во тешки услови, македонската организација си постави за цел борба за спречување на теророт и физичкото истребување на Македонците од родната земја, борба за демократија во Грција и пред cè, борба за национална и социјална слобода на македонскиот народ.

  • Овој извадок е првиот дел од серијата стории кои ќе ги споделуваме како извадоци од книгата „Историја – 60 години КПЈ – СКЈ“. Следните делови прочитајте ги на овој линк.